| четврток, 6 декември 2018 |

„Повелба на Република Македонија“ за Сојузот на здруженијата на пензионерите

ivanov-agirovski

­ Претседателот Ѓорге Иванов денеска го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, по повод 70 години од пензионерското организирање. ­

– Пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството. Напротив, пензионерите со своите активности и помагање во рамките на домот и на семејството, но и во пошироката заедница, преку учество во најразлични иницијативи со своето искуство и интелектуален капацитет се активни фактори на општествените текови – истакна Иванов.

Сево ова, како што додаде, на соодветен начин треба да биде максимално исползувано и верификувано од нашето општество.

– Овој јубилеј е можност да се еволуираат програмите и активностите и, секако, со нова енергија да се продолжи во унапредувањето на правата и на должностите на пензионерите. Велам должности, бидејќи вие сте многу важен дел од општеството – рече претседателот.

Според него, Повелбата на Република Македонија е и признание за сите пензионери за нивниот придонес за заедницата за време на работниот век, но и по заминувањето во пензија.

– Но, истовремено и очекување од вас. Да го пренесете вашето акумулирано знаење, искуство и мудрост, без кои ниту едно општество не може да функционира. Да ни помогнете да не ги повторуваме грешките што се правеле во минатото. Да им дадете пример на младите – додаде Иванов.

priznanie

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски во обраќањето на свечената академија рече дека оваа Повелба значи признание за 250 илјади пензионери, како и за седумдецениската историја на пензионерското организирање во Македонија.

Аргировски во оваа прилика ги наведе активностите на здруженијата на пензионери на полето на културата и уметноста, особено во музиката, како и спортските пензионерски натпревари на локално, регионално и државно ниво.

На свечената академија свој настап имаа и ансамблите на здруженијата на пензионери од Гази Баба, Солидарност­Аеродром, Центар, Чаир, Ѓорче Петров и Кисела Вода.

Признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија се доделува по повод 70 години од основањето како самостојна и автономна организација, а особено за постигнатите резултати во својата долгогодишна дејност преку многубројните активности за афирмирање на статусот и за унапредување на квалитетот на животот на пензионерите од Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top