| четврток, 6 декември 2018 |

Раца: Толку се можностите на оваа репрезентација

dragan-raca

Четириесет дена интезивни тренинзи од официјалниот прв собир и седум пријателски натпревари не му беа доволни на селекторот Драган Раца да ги разигра македонските кошаркари. Три порази во рамки на квалификациите за Евробаскет 2017 се доволни за срамнување со земја на сите шанси за уште еден пласман на континенталните првенства. Некогаш четврти во Европа, а сега без пласман.

– Ова е реалната слика за македонската кошарка. Репрезентативците одиграа како што одиграа и не треба да бидат погрдувани за овие резултати. Знаевме дека ќе биде тежок натпревар. Имавме и неколку пехови. Уште пред почетокот на квалификациите останавме без Марко Симоновски, а потоа и без Дамјан што беше огромна штета за нас бидејќи тој е едниот од клучните играчи. Немавме замена за него, влеговме во контра ритам. Мора да бидеме свесни дека во иднина мора да се работи на тоа. Мора да се пуштат Македонците на терен. Момците кои тренираа овде повеќе од два месеци дадоа сè од себе. Не треба многу да се жалиме туку да почнеме со работа. Да се направи некој систем каде мора сите играчи кои се повикани да дојдат и да играат како што тоа е случајот со, на пример, Велика Британија. Тоа е основна работа. На последниот натпревар ќе гледаме да одиграме што подобро – како и досега, во свој стил одговори Драган Раца по завршување на мечот со Велика Британија.

– Што да се каже по еден ваков меч кога на домашен терен ќе примиш 90 поени. Уште на прв натпревар игравме лошо во одбраната. Не успеавме да се поправиме ниту во продолжение од квалификациите. Навистина имавме желба, но останавме без Дамјан што беше голем хендикеп за нас. Навистина не знам што би кажал по еден ваков пораз за нас – дополни Кире Николовски кој и денес беше најефикасен со 17 реализирани поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top