Околу 100 земјотреси се случиле во Скопје и околината од првиот потрес во неделата наутро до 12 часот вчера. Сите биле со различна јачина. Во овој период последниот земјотрес од ова жариште бил регистриран вчераутро во 8:11 часот со магнитуда од 1,5 степени и бил многу слаб, па граѓаните не го почувствувале. Последниот посилен потрес во овој интервал беше тој во понеделникот навечер, во 19:53 минути и бил со јачина од 4 Рихтерови степени. Од тој земјотрес до вчера до 12 часот имало 8 слаби афтершокови кои граѓаните не ги осетиле.
Светската сеизмолошка опсерваторија (ЕМСЦ), која го бележи секој случен земјотрес во реално време, во понеделникот регистрираше серија потреси во Турција кои продолжија и во текот на вчерашниот ден, а земјотреси вчера ја зафатија и Грција, како и Бугарија и источномедитеранскиот регион. Најсилниот потрес во Турција имаше јачина од 4,8 степени, во Јужна Грција беа измерени 4,2, потоа и 2,7, во Бугарија 2,5, додека во Медитеранот имаше земјотрес од 3,1 Рихтерови степени. Сеизмолозите велат дека не може да се најде непосредна врска меѓу сите овие земјотреси и тие кај нас, особено што прво се случи земјотресот во Скопје, а потоа следуваа останатите, што значи дека се работи за редовна сеизмичка активност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.