Издавачката куќа „Или-или“ ја објави книгата „Бели заби“ на британската авторка Зејди Смит во превод од англиски јазик на Ацо Пероски. Ова е втора книга на македонски јазик од оваа наградувана писателка, по „Собирач на автограми“, која пред неколку години, исто така, ја издаде „Или0или“. Излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Програмата за култура ЕАЦЕА 2007-2013 година на Европската унија, илустрацијата на корицата е на Јана Јакимовска, а за дизајнот беа задолжени „Бригада“.

Смит (1975) е родена во северозападен Лондон, каде што живее и денес. Авторка е на неколку романи, една збирка раскази и на неколку книги со есеи. Нејзиниот прв роман, „Бели заби“ (2000) е добитник на наградата „Витбред” за дебитантски роман, на меморијалната награда „Џејмс Тејт Блејк“ за книжевност и на Наградата на писателите на Комонвелтот за дебитантски роман, и со тоа се вброи меѓу најдобрите сто романи напишани на англиски јазик во втората половина на 20 век. Следуваше „Собирач на автограми“ (2002), со кој Смит се етаблираше како една од најавтентичните и најуспешните млади британски авторки. Нејзиниот трет роман, „За убавината“, во 2005 година беше во најтесниот избор за доделувањето на „Букеровата награда за литература“.
Минатата, 2012 година, излезе нејзиниот нов роман, насловен „НВ“.
Првиот роман на Смит предизвика голема полемика меѓу критичарите, кои го споредуваа со делата на Чарлс Дикенс, Салман Ружди, Џон Ирвинг… Но, со својот кристално јасен стил, филозофската длабочина и многубројните чудесни, преплетени приказни, младата авторка докажа дека има сопствен, уникатен писателски глас, кој светот уште долго ќе го слуша и ќе го памети, напиша во критиката „Њујорк тајмс“.
„Бели заби“ може да се чита како класичен роман за преплетената историја на две семејства, како модерна емигрантска епопеја, како алегорична антиутопија во која се критикува денешната ултрамодерна технологија, но и како општествена сатира, преполна со пародични и комични елементи. Но, во секој случај, Бели заби е врвно книжевно остварување, пишува во својата критика „Паблишерс викли“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


