| четврток, 6 декември 2018 |

Димитриев: Празнувањето на Курбан-бајрам е празнување и славење на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските

Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведуање на изборите, Емил Димитриев, испрати честитка до поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија реис-ул-улема-хаџи Сулејман-eфенди Реџепи и до сите верници од исламската вероисповед.

 

„Празнувањето на Курбан-бајрам е празнување и славење на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските. Курбан-бајрам претставува потсетник за секој исламски верник за правење на добри дела, за почитување на семејството, комшиите и пријателите, за грижа кон оние на кои им е најпотребна помош и подадена рака, за разбирање, за смиреност и толеранција. Тоа се верски вредности, кои се присутни во секоја религија, и кои претставуваат пример за потребното човечко однесување и за вистинските морални вредности кон кои треба да тежнее секој човек без разлика на верската или националната припадност, бидејќи практикувањето на овие вредности го претставува стремежот за духовно воздигнување и афирмација на моралните вредности“, пишува Димитриев во честитката.

Празнувањето на Курбан-бајрам претставува и составен дел од традицијата во нашето општество, во кое верските посебности претставуваат дополнителна вредност и дополнително афирмирање на потребата од меѓусебно почитување и разбирање, додава тој и нагласува дека токму оваа традиција и овие вредности се доволен поттик и во иднина да продолжиме со добра мисла и добри дела, со меѓусебно почитување и разбирање, заеднички да работиме на унапредувањето на нашата држава и просперитетот на нашето општество, бидејќи тоа е од интерес на сите граѓани во нашата држава и од интерес за нашите идни поколенија.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top