| четврток, 6 декември 2018 |

„Бела ноќ“ во Театарот за деца и младинци, бесплатно ќе се прикаже „Македонска приказна“

На седми септември, во 19 часот во рамките на манифестацијата ,,Бела Ноќ“ Театарот за деца и младинци ќе ја прикаже претставата ,, Македонска приказна “ во режија Боњо Лунгов, а во изведба на актерите Татјана Павловска Кочовска, Предраг Павловски , Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ Бошков и Катарина Илиевска Силјановска.

Влезот е бесплaтен.

Ова е убедливо најпознатата и најнаградуваната претстава на ТДС и слободно може да се нарече заштитен знак на Театарот.

– Со нејзиното појавување започна етаблирањето на нашиот театар, како еден од најдобрите детски театри во регионов и пошироко. Поставена е со импровизирани кукли (различни предмети од селскиот живот формираат човечки и животински облици) од режисерот Боњо Лунгов, кој е иноватор на овој вид на кукли. Темпото и ритамот на претставата е диктирано од македонска изворна музика, која со своето богатство не остава простор за кажување на текст. Затоа оваа претстава е одлично разбрана и во средини во кои не се владее македонскиот јазик. Петчлената актерска екипа во која не отскокнува никој, дише како еден организам и публиката ја остава без здив за време на траењето на целата претстава и затоа шеесетте минути поминуваат додека трепнеш. „Македонска приказна“ до овој момент има освоено 9 меѓународни награди, од кои три се “Гран при“ награди за претстава во целина. Сите овие награди се всушност и најдобрата препорака за оваа претстава – велат од ТДС.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top