| четврток, 6 декември 2018 |

„Фолксваген“ ги прекршил правата на потрошувачите во 20 земји-членки на ЕУ

Европската комисија утврди дека автомобилскиот концерн „Фолксваген“ ги прекршил законите за заштита на потрошувачите во 20 земји на Европската унија со мамењето на тестовите за емисиите на штетни гасови, објави германскиот дневен весник „Ди Велт“, повикувајќи се на извори од ЕК.

Меѓу прекршените прописи е и Директивата за продажба на потрошувачка стока и гаранции, која им забранува на компаниите привлекување на купувачите преку зголемување на еколошките перформанси, како и Директивата за нечесна бизнис практика, а обете се применуваат низ ЕУ, пишува весникот.

ЕК соопшти дека комесарот за индустрија Елзбиета Биенковска повеќе пати го повика „Фолксваген“ да размисли за доброволно плаќање на компензации, но без охрабрувачки одговор и рече дека националните судови ќе утврдат дали потрошувачите имаат законско право на надомест.

Фолксваген им вети на сопствениците на дизел возила во САД дека ќе им надомести милијарди евра, но ги отфрли повиците за слични надоместоци за 8,5 милиони такви возила во Европа, каде што различните правни прописи ќе ги ослабнат шансите за исплата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top