Кинотека на Македонија, во соработка со Агенцијата за филм, ќе ги одбележи 8 Септември и 25-годишнината од македонската независност со изложба на филмски плакати „25 години филм во независна Македонија“ како и со три филмски проекции на филмови од најновата македонска продукција.
Изложбата ќе биде поставена на 6 септември, додека проекциите на филмовите ќе почнат за време на белата ноќ на 7 и ќе завршат еден час по полноќ на 8 септември.
Влезот е бесплатен.
7 септември 2016 година, 18.00 часот
ЛАЗАР
2015 г., 110 мин., ДСП
Режисер: Светозар Ристовски
Сценарио: Светозар Ристовски, Грејс Леа Троје
Главни улоги: Ведран Живолиќ, Дејан Лилиќ, Наташа Петровиќ, Горан Навојец, Александар Сано, Красимира Кузманова
Лазар е незадоволен и емотивно неповрзан со светот околу себе. Кога неговиот татко го напуштил семејството, тој морал да се снаоѓа и да биде цврст, а сега во своите средни дваесетти години се впушта во круг на криумчарење на емигранти. Неговиот поглед на светот почнува да се менува кога ќе се вљуби во Катерина, студентка по архитектура, која случајно ја сретнува…
7 септември 2016 година, 20.00 часот
ДО БАЛЧАК
Режисер: Столе Попов
Сценарио: Горан Стефановски
Главни улоги: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски
Македонија е мала земја во срцето на Балканот, која петстотини години била под отоманско ропство. Дејствието на филмот До балчак се одвива во годините на општ колапс и „слободен пад“ по крваво задушеното македонско востание од 1903. Приказната е за комплексен четириаголник помеѓу бескомпромисен и идеалистичен востаник, безмилосен турски офицер, богат „татин“ син опортунист кој се враќа дома по завршени студии во Европа и една луцидна и слободоумна Eвропјанка во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија на настани со далекусежни и несогледиви последици. Ликовите минуваат низ бурни судири, доживуваат катарзични искуства и стекнуваат длабоки нови самосознанија. Филмот е суровa и романтична сторија која ја испитува вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност низ призмата на релативноста на поимите на слобода, правда, љубов, жртвување и предавство. Приказната ги драматизира и пародира митот и анти-митот на исток и запад, на Европа и Балканот. Таа ги усвитува до жижа парадоксите и апсурдите на македонската историја. Фатен во стапица, еден од ликовите ја декларира својата радикална философија : „Ебати животот, ако не си подготвен да умреш за него“! Ако традиционалниот американски жанр е вестернот, т.е. приказна од дивиот запад, овој филм е неговиот источен пандан, истерн, приказна од „дивиот“ исток.
7 септември 2016 година, 23.00 часот
3 ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ
2015 г., 90 мин., ДСП
Режисер: Даријан Пејовски
Сценарио: Даријан Пејовски, Игор Иванов
Главни улоги: Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал
3 дена во септември е психолошки трилер во кој се говори за импликаците од семејното и сексуалното насилство. Јана и Марика се запознаваат во воз и бргу се зближуваат. Одат на село, во изолиран планински крај што крие многу тајни за минатото на Јана. Времето минува бавно и тензично, а сомнежот за нивните вистиснки намери е се` посилен. Една по една, тајните се откриваат. Марика е убиец во бегство, а Јана е дојдена за одмазда. Немаат друг излез освен да си помогнат и секоја од нив да ја оствари својата вистинска цел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.