Македонското моторџиско друштво „Ноќни волци“ на 26 август ја почнува прославата на десетгодишниот јубилеј од постоењето на клубот. Со рок-журка, пиво, одлични концерти на скопско „Кале“ и дефиле по скопските улици на гостите и членовите на клубот претседателот на „волците“ Ленин Јовановски и неговите пријатели ќе ја слават годишнината. Во дефилето ќе потсетат дека е многу важна безбедноста во сообрааќајот, но и ќе пропагираат дисциплинирано возење на сите моторџии во сообраќајот.
Што значи да го живееш животот моторџиски?
ЈОВАНОВСКИ: Оние луѓе кои сакаат да го живеат тој таканаречен моторџиски живот се луѓе кои се предоредени за тоа. Тие се раѓаат со таа внатрешна желба. За мене тоа значи големо задоволство, голема авантура, голема љубов. Возењето мотор за мене е како танцувањето. Дружењето со моторот е исто како да се дружите со својата љубовница.
Дали секој член на „Ноќни волци“ може да ги носи овие специјални елеци што ги имате на себе? Може да ни ги опишете?
ЈОВАНОВСКИ: Елекот, во ваква форма и вака скроен го носат сите членови на „Ноќни волци“ без разлика на рангот на кој припаѓаат. Разликата на рангот во „Ноќни волци“ е во тоа што имате на елекот од таканаречените бои, односно нашивки. Елекот го носите без никаква апликација, кога на почеток сте само поддржувач на клубот и на него стои само натписот Македонија. Кога ќе „влезете“ во клубот, тогаш на елекот добивате нашивки „Ноќни волци“ на руски јазик, Македонија и градот во кој живеете. Значи, на грбот се уште немате ништо. На вториот степен на грбот се прикачува името на државата и уште еден симбол „МГ“ (мото-група). Кога ќе го достигнете третиот степен, што претставува највисок ранг во нашата хиеархија, односно ќе станете полноправен член, тогаш го добивате правото да носите амблем напред и на грбот од елекот и да го носите името „Ноќни волци“. Има многу сличности со војската поради тие хиеархиски поставености, исто како братствата на пример и во принцип правилата се слични. Има пишани, но и непишани правила на однесување.
Дали имате женски членови?
ЈОВАНОВСКИ: Бидејќи се работи за братство, нема женски членови во нашиот клуб. Тоа не е поради дискриминација на жените. Напротив, жената е високопочитувана од сите наши членови на клубот и тие се секогаш дел од нашиот живот, патувања, дружења и како сопруги, девојки, сестри.
Кој е Ленин приватно?
ЈОВАНОВСКИ: Маж на 49 години, сопруг, татко на четири деца – еден син и три ќерки. Вработен сум како директор во „Слобода превоз“, фирма која се занимава со транспорт, скопјанец, магистер по бизнис и менаџмент. Сега го подготвувам и вториот магистериум од областа на криминологијата. Трудот ми е завршен, сега се чека само заклучокот. Магистериумот е поврзан со мафијашки тип на организиран криминал, каде што меѓу другото, во еден дел се става акцентот на моторџиските банди како еден спецфичен организиран криминал koi делуваат организирано во повеќе држави. Ми беше предизвик овој магистерски труд, бидејќи има малку литература за овој проблем.
Со моторџиите секогаш се поврзуваат стереотипите дека тие се лоши, поврзани се со некаков криминал. Зошто е тоа така?
ЈОВАНОВСКИ: Луѓето кои лично не познаваат и знаат што работиме, знаат дека ги цениме човечките вредности, сакаме да бидеме општествено корисни, да бидеме хумани, да помогнеме таму каде што е потребно. Ние со нашето делување ги рушиме тие стереотипи и еве веќе десет години како „Ноќни волци“ го докажуваме тоа. Во нашиот клуб има и работници и професори на факултет. И политиката се вклучува во одредени моменти, се пркршуваат одредени правила и кон нас, како слободни граѓани. Неодамна во Букурешт наши членови беа нападнати токму поради тоа што се членови на „Ноќни волци“. Но, ние го живееме тој живот, ние сме дел од нашата приказна која ја создаваме. Имаме свое размислување, своја филозофија, свој пат кој сме го зацртале, го следиме и се надеваме дека ќе останеме доследни на тоа. Некои резултати можеби ќе дојдат кога нас веќе ќе не нема, но ние градиме свои наследници. Сметаме дека „Ноќни волци“ на интернационално ниво се веќе етаблирани како позната моторџиска група, за жал најчесто поврзувана со политиката, што многу ни пречи. Меѓутоа, во секој случај, во кој било контекст да бидеме спомнати е добро да се разбуди интересот за некој да истражи повеќе и да ја сфати суштината. Ние не припаѓаме на ниту една друга структура, другите ги почитуваме, не се мешаме во туѓите работи но не сакаме и нас да ни се мешаат. Делуваме самостојно, не сме ничиј привезок.
Неизбежно е прашањете за вашето познанство со рускиот претседател Владимир Путин. Колку го познавате?
ЈОВАНОВСКИ: Го познавам Путин. Тој не е член на „Ноќни волци“. Колку што сум среќен што сум имал прилика да го сретнам тој човек повеќе пати, толку ми е непријатно и тешко кога одредени медиуми не нарекуваат „Путинови Ноќни волци“. Ние високо го цениме тој човек. Тој е човек што дошол и во нас препознал структура со која може да има заеднички интереси. Но, ние не сме дел од неговата политика.
Како ќе го одбележите јубилејот? Оваа година славите 10 години од постоењето на „Ноќни волци“?
ЈОВАНОВСКИ: Годинава прославата ќе биде подигната на повисоко ниво. Славењето почнува в петок, на 26 август, на скопско „Кале“ каде што веќе неколкупати сме ги прославувале нашите родендени. Забавата в петок ќе ја отвори единствената женска рокерка во Македонија, пејачката Дани, која долги години е со нас и како моторџика. Ќе гостуваат Јура Стублиќ и групата „Филм“. Следниот ден, в сабота, атрактивно ги најавуваме „Ју ту“ и „Еј-си-ди-си“. Од Италија доаѓа „Ју ту“ трибјут бендот, а „Еј-си-ди-си“ се од Нови Сад, Србија. Двете групи се идентични копии и настапи на споменатите групи. Членовите музички и физички се многу слични на „Ју ту“ и „Еј-си-ди-си“. Сакавме да направиме нешто поинаку. Далеку сме од можноста да ги донесеме овие групи во живо, но посетителите на забавата навистина ќе уживаат. Во сабота е предвидено дефилето, кое стандардно го правиме по улиците на Скопје со порака за поголема безбедност на улиците. Пропагираме дисциплинирано возење на сите моторџии во сообраќајот. Ќе пренесеме порака дека сме присутни, да не видат и другите учесници во сообраќајот за да обрнат повеќе внимание на нас. Кобни се бројките во делот на безбедноста на моторџиите, кои дефинитивно се ранлива категорија на учесници во сообраќајот. Ќе поставиме видео-бимови каде што ќе имаме прикази на поучни моменти, пораки и видеа каде што на еден начин на сите приустни ќе им ја доближиме оваа проблематика. Ќе имаме гости од сите држави од регионот, но на нашите собири доаѓаат луѓе од Америка и од Австралија. Некои доаѓаат само за собирот, некои доаѓаат случајно. Нашите собири се многу посетени и оваа година ќе продефилираат повеќе од 10 илјади посетители.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Моторџиите од клубот „Ноќни Волци“ возат низ цела Америка од исток до запад! (галерија)
-
Комити се подготвуваат за 30 – годишниот јубилеј: Во петок на дефиле низ Скопје со Ноќни волци, главната прослава во недела
-
Почина Доктор Буш, член на „Ноќни волци“
-
Порака до сите учесници во сообраќајот од јубилејниот мото-фестивал (фото)