| четврток, 6 декември 2018 |

Диме Спасов меѓу пензионерите во Радовиш: Продолжува грижата за луѓето кои се бореа за независна Македонија

penziopneri-spasov

Во Радовиш денеска се одржуваат 21 Републички пензионерски спортски натпревари на кои учествуваат околу 500 пензионери кои се натпреваруваат во 11 дисциплини.

Игрите ги отвори дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов, кој најави дека и во иднина ќе продолжи грижата за пензионерите и ќе се реализираат проектите кои овозможуваат подобар живот за оваа категорија граѓани.

– Грижата за пензионерите мора да продолжи, а проектите што ги реализиравме во минатото, ќе продолжат и во иднина бидејќи овие луѓе учествуваа во изградбата на државата, се бореа за независна Македонија и ние мораме како генерации кои учествуваме во носењето на одлуки, да продолжиме со грижата за пензионерите, изјави Спасов.

Тој посочи дека во изминатите 10 години се зголемени пензиите за околу 70 проценти, реализирани се многу проекти за подобрување на животот на пензионерите како што се бесплатна банско-климатска рекреација, бесплатен туристички викенд, бесплатен превоз во градскиот сообраќај и во железничкиот сообраќај и изградба на нови домови за стари лица.

penzioneri2-spasov

– Досега околу 37 илјади корисници на пензија имаа можност да ја искористат бесплатната услуга за банско-климатска рекреација во период од седум дена. Проект којшто го продолжуваме и оваа есен кога околу 1.250 пензионери ќе ја искористат оваа бесплатна услуга. Секако ќе продолжиме и следната 2017 година кога очекуваме да бидат опфатени уште 5.500 пензионери. Од септември продолжува и проектот бесплатен туристички викенд кога очекуваме уште 1.200 пензионери во текот на есента да ја искористат оваа услуга, а следната година планираме вкупен опфат од околу три  илјади пензионери, рече Спасов.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери Драги Аргировски изрази задоволство од досегашната соработка со ресорното Министерство и од реализацијата на проектите. Пензионерите, како што рече Аргировски, во декември ќе ја земат зголемена ноемвриската пензија за околу пет проценти.  Тоа е веќе решено со ребалансот на Буџетот, изјави Аргировски.

Градоначалникот на Радовиш, Сашко Николов им посака на пензионерите добри резултати на денешните спортски натпревари и да ги покажат своите најдобри способности.

Републичките пензионерски спортски натпревари се организираат во чест на 70 години од пензионерското организирање во Македонија и 25 години од независноста на Република Македонија. Покровител на манифестацијата е Министерството за труд и социјална политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top