За дополнителни 80 милиони денари од вчера се зголемени средствата наменети за квоти за лекови на рецепт, што значи дека отсега во аптеките ќе има повеќе лекови на рецепт.
– Со цел да се овозможи еднаквост во прераспределбата на овие средства, Фондот одлучи да направи измени во Правилникот за квоти со воведување линеарно зголемување и минимална загарантирана квота. Имено, од вкупно 776 аптеки, кои во моментов имаат активен договор, со реализација на квотата над 90 отсто во анализираниот период, се 742 аптеки и кај нив согласно правилникот треба да се зголеми квотата. Зголемувањето на квотите се однесува на 724 аптеки кои ќе добијат зголемување од дополнителни 26.000 денари месечно до крајот на годинава, информира Фондот за здравствено осигурување.
Со овие дополнителни 80 милиони денари, буџетот за лекови на рецепт од досегашните 2,46 милијарди денари се зголемува на 2,55 милијарди денари.
Минатата година се потрошени околу 21 милиони лекови на рецепт што ги реализирале еден милион и 300 илјади граѓани. Во 2003 година буџетот за лекови на рецепт изнесувал една милијарда денари, во 2008 година пораснал на 1,5 милијрди денари, а веќе во 2013 година бил 2,1 милијарда денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.