| четврток, 6 декември 2018 |

Ахмети тврдел пред албанската дијаспора дека ветераните на ОНА не барале институционално решение

Ахмети во Њујорк негирал дека припадниците на поранешна ОНА некогаш барале институционално решение, што, пак, во Македонија предизвика лавина реакции од ветераните на ОНА, кои оценија дека е срамна изјавата на поранешниот командант, а сега лидер на ДУИ, пренесува Дневник.

– Тие не бараат институционален третман, туку работа. Бараа ангажирање и ние ги вработивме. Имаме и луѓе во колички што не добиваат третман. Парите од фондот на УЧK, кој остана на 1,5 милион франци и германски марки од тоа време, се префрлени во банка во Македонија и за една и пол година сите семејства на загинатите добија пари од преостанатиот фонд на УЧK. Ова е процес што го потврдува секој што оди во банка во Швајцарија и во Македонија – изјавил Ахмети.

Но за претставниците на Организацијата на ветераните на ОНА, предводена од Хода скандалозна е изјавата на Ахмети од САД дека не барале институционално решение на проблемот.

– Срамна е изјавата на Ахмети. Не е точно дека поранешните припадници на ОНА не сакаат институционално решение. Со ова Ахмети самиот се негира бидејќи тој изјавуваше дека се бара институционално решение за таа категорија граѓани, а го негира и Рамковниот договор. Не е битно дали тој сака или не сака, тоа не зависи од Ахмети. Тоа прашање е дел од Рамковниот договор кое треба да се спроведе, односно дека и двете страни од конфликтот – македонската и албанската треба еднакво да се третираат. Не бараме ништо повеќе и ништо помалку, туку законот за бранителите да важи и за припадниците на ОНА – вели Хода.

Според него, нејасно е кога и зошто Ахмети го сменил ставот за статусот на припадниците на ОНА ако се знае дека лично тој и партијата изминативе години се обидуваа да ги убедат коалициските партнери, прво СДСМ, а потоа и ВМРО-ДПМНЕ да се најде институционално решение за таа категорија граѓани.

Ахмети бил прашан од албанските иселеници каде се собраните пари за ОНА и зошто тие не се користат за помош на семејствата на загинатите и инвалидите од конфликтот во 2001 година.

Според поранешни припадници на ОНА надлежен за парите од фондот на УЧK бил Фазли Велиу, вујко на Ахмети и претседател на Здружението на ветераните на ОНА. Тие велат дека немаат информации дали фондот се уште се полни со пари од албанската дијаспора, а се потсетуваат и дека додека тој функционирал, некаде до 2004 или 2005 година, немале увид во финансиите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top