| четврток, 6 декември 2018 |

Лидерската средба закажана за утре во 13 часот

Утре во 13 часот во Клубот на пратеници ќе се одржи лидерска средба. На средбата лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА, во согласност со Договорот од Пржино, треба да се изјаснат дали се исполнети условите за одржување на избори на 11 декември.

Досега целосно е завршена постапката за прочистување на избирачкиот список од спорните гласачи. Усвоена е и методологијата за надзор на медиумите. Единствена точка која преостанува да се дефинира денеска е изборот на петтиот член во Привремената комисија за следење на медиумското претставување.

Лидерска средба на 31 август беше предвидена со Анексот на Договорот од Пржино постигнат на 20 јули и на неа треба да се одреди датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. Ако на утрешната средба лидерите утврдат дека има услови за избори, СДСМ ќе треба да го каже името на новиот главен уредник на информативната програма на МТВ. Се шпекулира со името на Санта Аргирова, за која се вели дека ќе биде предлогот на СДСМ, кој мора да биде прифатлив за сите партии. Ова досега не е потврдено.
Крајниот рок за именување главен и одговорен уредник на МТВ, доколку изборите се одржат на 11 декември, е 2 септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top