Центарот за физикална терапија при Градската општа болница „8 Септември“ целосно се реновира. Се очекува за 20 дена центарот целосно да биде завршен и ставен во функција.
Министерот за здравство Никола Тодоров заедно со директорот на болницата Сашо Стојчев денеска изврши увид во градежните работи.
-Овој дел не работеше скоро 15 години, посебно делот на базените, а е од исклучително значен во делот на терапија на лицата кои имаат потреба од физикална терапија. Според бројот на пациенти ова одделение е повеќе од потребно. Имајќи предвид дека делот на физикална терапија во „8 Септември“ е особено развиен и има голем број на пациенти, рече Тодоров.
Министерот посочи дека Центарот за физикална терапија ќе биде во функција на најмалку 200 пациенти месечно и околу 60 деца, а со новите услови кои што ќе ги има во центарот ќе се овозможат подобри резултати во делот на хидротерапија.
-Со инвестицијата ќе одговориме на потребите кои што ги имаше оваа болница. Инвестицијата е околу 25 милиони денари само за инфраструктурата и околу 2 милиони денари за новата опрема. Во континуитет се трудиме да се набавува нова опрема во болницата, да има постојано некои инфраструктурни зафати со кои се подобрува и здравствената инфраструктура и опремата, рече Тодоров.
Директорот на болницата „8 Септември“ Стојчев посочи дека во болницата веќе успеале да развијат повеќе одделенија со огромен број на пациенти на кои им е потребен токму ваков центар за физикална терапија и медицинска рехабилитација.
-Имаме центар за мозочен удар, тие се првите кандидати кои ќе бидат лекувани тука, одделение за ортопедија и трауматологија со над 500 големи операции на колкови, рамена и колена . Ние ќе бидеме оспособени да ги згрижиме, не само нашите туку и пациенти од надвор, рече Стојчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.