Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека најверојатно членовите на ИСИС се сторители на бомбашкиот напад на курдската свадба во градот Газиантеп.
Во нападот загинаа најмалку 50 лица, а повеќе од 100 се повредени.
Експлозијата се случи во свадбена прослава во Газиантеп во југоисточниот дел на Турција.
Во изјавата на Ердоган се вели дека „нема разлика“ меѓу групата со седиште во САД предводена од проповедникот Фејтула Ѓулен, кого го обвинува за неуспешниот државен удар на 15 јули, забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) и т.н. Исламска држава.
„Нашата земја и нашиот народ имаат уште една порака за вас: нема да успеете“, им порача Ердоган на овие исламистички групи, пренесе Франс прес.
Експлозијата се случи во округот на градот Газиантеп, кој има големо курдско население, што ги поттикна шпекулациите дека се вклучени џихадистите. На свадбата биле присутни многу Курди, а и Курдистанската работничка партија потврди дека присуствувале нивни припадници, како и многу жени и деца.
Ердоган рече дека целта на нападите како оној синоќа во Газиантеп е да се зајакнат поделбите меѓу различните групи во Турција, како Арапите, Курдите и Туркмените и да се внесе раскол на „етничка и верска основа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.