Русија ја прекина доминацијата на Норвешка во женскиот ракомет откако „зборнаја“ славеше во полуфиналната пресметка против актуелните шампиони, со минимални 38-37 по продолженија, за место во финалето каде избраничките на селекторот Трефилов ќе се пресметаат со Франција.
Во епски натпревар во кој избраничките на Евгениј Трефилов во поголем дел имаа предност, Норвешка покажа квалитет и шампионски карактер враќајќи се во самата завршница. Хајди Локе со гол на пет секунди до крајот го одведе мечот во продолженија (31-31), за потоа во дополнителните десет минути и двете голманки да имаат очаен период од полуфиналето. Голови се нижеа како на филмска лента, за на крајот да слават Русинките со пеналот на Екатерина Илина на половина минута до крајот. Норвежанките имаа шанса за израмнување, но истата ја пропушти новата „вардарка“ Камила Херем, која имаше зицер од крило, но се реши за лоб и биеше крај дирекот.
Нора Морк постигна 14 гола, но и тоа беше недоволно за да се стигне до ново олимписко финале, додека кај Русија најзабележливи беа Бобровникова со осум и Дмитриева со седум постигнати погодоци.
Во финалето кое се игра в сабота со почеток од 20.30 часот ќе се сретнат Франција и Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.