| четврток, 6 декември 2018 |

Во Велика Британија работат еден милион источноевропски работници

rabotnici niva

Бројот на работници во Велика Британија, од осумте земји од Источна Европа, кои станаа членки на ЕУ во мај 2004 година, првпат надмина еден милион лица, покажува најновиот извештај на Државното биро за статистика (ОНС). Во вториот квартал од оваа година, во периодот од април до крајот на јуни, за 44 илјади е зголемен бројот на работниците од Полска, Чешка, Унгарија, Словачка, Литванија, Естонија, Летонија и Словенија, споредено со истиот период во 2015 година.

Пазарот на трудот со работниците од овие осум поранешни комунистички земји, за десет години е зголемен дури за четири пати. Најголемиот удел во ваквиот раст го имаат Полјаците кои се далеку најбројната етничка заедница од Источна Европа. Во Британија работат и 260 илјади Бугари и Романци, или за една година, повеќе за 87 илјади работници. Овие две држави од Балканот, влегоа во ЕУ на 1 јануари 2007 година, а нивните државјани не можеа слободно да се вработуваат во земјите на Унијата, па и во британската економија, се до јануари 2013 година. Сега во британската економија има 2,2 милиони вработени од земјите членки на ЕУ, што за една година претставува раст од 200 илјади луѓе. Во истиот овој период, невработеноста во Британија продолжува да се намалува.

Во вториот квартал таа е намалена за уште 52 илјади и сега изнесува 1,6 милиони невработени. Тоа го прави британскиот пазар на трудот да остане стабилен. Бројот на вработените странци од земјите надвор од земјите на Унијата, останува приближно на исто ниво и сега е изнесува 1,2 милиони мигранти. Ова се први статистички податоци за движењето на миграцијата во Британија, по референдумот од 23 јуни, па одново се користат од активистите на кампањата за Брегзит за одбрана на нивните позиции за оправдување на напуштањето на ЕУ.

Директорот на проториевската тинк-­танк организација „Имигрејшн Воч„ лорд Грин изјави дека најновите статистички податоци ја објаснуваат реакцијата на гласачите од пред два месеци. Тој предупредува дека натамошниот раст на мигрантите го засилува притисокот врз локалните заедници и социјалните фондови, па во иднина нема да биде доволно само преземањето на контролата на границите, туку и намалувањето на вкупната миграција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top