| четврток, 6 декември 2018 |

Нови работни места и инвестиции: Македонија со сѐ подобра слика пред потенцијалните инвеститори

investicii

Македонија е атрактивна дестинација за странските инвестиции. Земјава напредува во меѓународните извештаи за бизнис климата и за иновативноста, ја подобрува сликата пред потенцијалните инвеститори. Се постигнува ефектот на „снежна топка“ бидејќи во Македонија влегоа големи и реномирани меѓународни компании кои самите по себе се доволна препорака за инвеститорите кои ја разгледуваат земјата како место за вложување на својот капитал.

– Кога се создава доволно голема основа, доволен број странски инвестиции, тие потоа сами, без поддршка од Владата, генерираат нови инвестиции. Ако се задоволни постојните, тие го пренесуваат добриот збор и бројот на странски инвестиции се зголемува – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Се отвораат нови работни места

Странските директни инвестиции отвораат нови работни места. Тоа го покажа и извештајот на институтот ИБМ. Според овој извештај, Македонија е лидер во отворањето нови работни места по глава на жител. Лани во нашата земја се креирале над 6.000 работни места од нови инвестициски проекти, односно по 2.900 работни места на милион жители.

– Голем број компании воопшто и пред да нѐ контактираат нас прават една анализа на сите информации и анализи од меѓународните институции. Секако ова ќе биде една дополнителна позитивна активност која ќе биде поврзана со Македонија. Во нашите презентации, не само на бизнис форумите туку и во директни контакти со компании, кога ќе покажеме каде е Македонија и како ние сме рангирани, ќе придонесе ние да бидеме подлабински анализирани – вели директорот на слободните зони, Виктор Мизо.

Рангирањето од ИБМ веќе има позитивни ефекти. Според креаторот на рагирањето, Роел Шпее, голем број компании почнале да се распрашуваат за нашата држава. Тоа што Македонија две години по ред се наоѓа на лидерската позиција ја прави исклучително атрактивна за компаниите.

– Македонија има силни страни. Прво, оперативните трошоци на компаниите, трошоците за труд и корпоративното оданочување се многу конкуретни во европски контекст, значи тоа од финансиска перспектива е многу интересно за компаниите. Второ, работната сила е со добар квалитет, компаниите се успешни и повеќе од нив веќе реинвестираа во земјата. Тоа потврдува дека тие се доста задоволни со квалитетот на работната сила, техничките вештини и од продуктивноста на работната сила – вели Шпее.

Тврдењата на Шпее ги потврдуваат и од домашниот Совет на странски инвеститори.

– 84 проценти од компаниите кои веќе инвестирале би го направиле повторно тоа. Кога компаниите беа прашани од што најмногу се задоволни, тие истакнаа од работната сила, вели претседателот на Советот на странски инвеститори – Штефан Петер.

Расте бројот на вработени во зоните

Расте бројот на вработени во слободните зони. Компаниите кои работат во ТИРЗ планираат проширување на бизнисите и ангажман на дополнителна работна сила.

– Само во зоните до крајот на годинава е предвидено вкупно да има над 7.500 работни места. Ова значи дека 1.300 до 1.400 треба се креираат до крајот на годината – вели Мизо.

Кога овие компании ќе профункционираат со полн капацитет, се очекуваат над 16 илјади вработувања, само од постојните капацитети. Извозот од ТИРЗ до средината на овој месец надмина милијарда евра, што претставува раст од 20% во споредба со истиот период лани.

Освен во слободните економски зони, голем дел од странските инвеститори, како „Кромберг и Шуберт“, „Дрекселмаер“ или „Маркард“ работат надвор од ТИРЗ, што сигнализира дека во претстојниот период ќе се отворат уште поголем број на работни места.

– Успеавме во намерата да донесеме сериозни компании со долгорочни планови за инвестиции. Како резултат на тоа во наредните години, само во веќе постоечките компании, бројот на вработени во странските инвестиции речиси двојно ќе се зголеми и ќе се стигне до бројката од околу 34.000 директни вработувања“ – вели вицепремиерот Пешевски.

 

Извор: ЛИДЕР.МК

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top