Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи под отворено ѕвездено небо со мото „Сите сме приказна“ од 20 до 26 август 2016 година во Куршумли-ан, Чифте амам и во Музејот на современата уметност во Скопје.
-После седум години постоење, со задоволство можам да кажам дека ’МакеДокс‘ континуирано расте но не старее, туку напротив, се подмладува во секој аспект од своето битисување, како од содржински така и од организациски аспект, и стана фестивал кој со својата автентичност е познат не само во национални туку и во меѓународни рамки. Потврда за тоа се преку четиристотини апликации со филмови за овогодишното издание, бројот на гости, кој годинава се искачи на значајна бројка од 53 документаристи од целиот свет, поддршката која ’МакеДокс‘ ја доби од Медија програмата на ’Креативна Европа‘, како и постојаните пофалби кои со суперлативи ги изразуваат сите кои не посетиле или биле дел од ’МакеДокс‘. На седмото издание на кое бројот на филмови го дуплиравме, од триесетина во минатите години на вкупно 63 оваа година, носиме неколку новитети: нова натпреварувачка програма на студентски документарни филмови и програма на земја во фокус, која оваа година ја посветуваме на Русија. Од организациски аспект новитет ни се местата на кои ќе се одвива фестивалот: покрај главниот фестивалски центар, кој и годинава е во овој магичен простор на Куршумли-ан, проекции ќе одржуваме и на платото пред анот, и тоа од 20.30, 22.30 и полноќни проекции од студентската програма. Две нови локации имаме и за работилницата ’Раскажувачите раскажуваат‘, која ќе се одржува во Чифте амам и за работилницата ’Уметноста на раскажувањето‘, која ќе се одржува во Музејот на современата уметност, рече Киријана А. Николоска.
Креативните документарци што ќе бидат прикажани на „МакеДокс .7“ се распоредени во пет програми, и тоа: Главна програма, Нови автори, Руски снег, Кратки документарци и Студентски приказни.
-Седмото издание на фестивалот е посветено на раскажувачите. Бидејќи во документарните филмови нема однапред напишано сценарио, приказните ги раскажуваат протагонистите во филмовите. Фестивалот ќе го отвориме со една топла и тажна приказна базирана на музика со песните на словенечкиот актер, режисер, поет и писател Фране Милчински – Јежек, раскажана со документарниот филм ’Мојот превртен свет‘, како македонско-словенечко-хрватска копродукција. Селекцијата на филмовите во петте фестивалски програми се движи по линијата на добро раскажана приказна и силни човечки личности, што произлезе од мотото ’Сите сме приказна‘. На фестивалот ќе бидат присутни филмски остварувања и автори кои се во врвот на современата документаристика, како Патрицио Гузман со неговото ’Бисерно копче‘, Андреас Џонсен со ’Бубачки‘ како нов начин на исхрана, Клаудија Тоси со ’Совршениот круг‘. На затворањето на фестивалот ќе го прикажеме ’Пожар на море‘ од Џанфранко Роси, добитник на ’Златна мечка“ во Берлин, додека во селекцијата на кратки документарци ќе го прикажеме ’Балада за жабите‘ на Леонор Телес, исто така со ’Златна мечка‘ во Берлин. Од Русија го носиме најзначајниот современ руски автор Виталиј Мански со ’Под сонцето‘, со приказна снимена во Северна Кореја, објасни селекторката Петра Селишкар.
Руските современи автори на документарни филмови ќе бидат застапени во програмата „Руски снег“.
-Оваа година организиравме и Руска плажа на ’МакеДокс‘, сѐ со цел да се разладиме во овие топли августовски денови со руски снег и руски документарци. Селекцијата на филмови од земјата во фокус-Русија е со наслов ’Руски снег‘. Во неа ќе бидат прикажани 7 документарни филмови од најновата руска документарна продукција, кои ќе раскажуваат приказни за најпознатата академија за руски балерини, за сибирските селца, како и за авангардните градски фаци кои што си го наоѓаат својот мир во шумите на рускиот север, најави Петрула Вељановска.
Новитет во програмска смисла е воведувањето на натпреварувачка селекција на студентски филмови.
-На седмото издание ’МакеДокс‘ ја доби својата прва натпреварувачка студентска програма. Годинава имаме 23 студентски документарни филмови, кои доаѓаат од европските филмски академии, но нивните автори и приказните што ги носат доаѓаат од сите страни на светот. Покрај филмовите во конкуренција за награда, во оваа програма ќе прикажеме и шест филмови што се направени во регионалната школа ’АКТив‘. Важно е да се напомене дека на ’МакеДокс‘ доаѓаат 26 автори на филмовите, а програмата ја отвораме со премиера на македонскиот документарен филм ’СТУДаНТС‘ на Тамара Котевска, а премиерно ќе бидат прикажани и ’Злобната камера‘ на Ана Алексовска и ’Армандо Дијаз‘ на Сандра Јовановска. Жирито за награди во студентската програма е во состав Наташа Петровиќ, Воскресија Андреевска и Иван Шопов“, соопшти Дарко Набаков.
На фестивалот „МакеДокс“ се доделуваат наградите „Кромид“ – за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ – за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи од сите програмски селекции.
Три работилници и два концерти, на отворањето и на затворањето на фестивалот, исто така, се дел од програмата на седмиот „МакеДокс“.
-На отворањето на фестивалот ќе имаме ретка можност да го слушнеме новиот состав на Крис Екман, поранешниот лидер на бендот од Сиетл ’Вокабаутс‘ (The Walkabouts), којшто воедно е музички продуцент на документарниот филм со кој го отвораме фестивалот ’Мојот превртен свет‘. На отворањето ќе имаме и концерт на диџеј Димитри од Чаир заедно со гитаристот Тони Китановски. Во текот на сите фестивалски вечери ќе имаме камерни концерти со етно и џез музика, додека за затворањето на фестивалот ќе настапи оркестарот ’Черкези‘, по чиј концерт свој диско диџеј-сет ќе има швајцарската режисерка Корин Швингрубер, најави Бранд Ферро.
Годинава на „МакеДокс“ ќе се случат три работилници: „Работилница за уметноста на раскажувањето“ за хип-хоп музиката и правењето документарни приказни со диџеј Димитри од Чаир, од 21 до 24 август во Музејот на современата уметност; „Раскажувачите раскажуваат“ со Иика Вехкалахти од Финска, еден од најзаслужните продуценти во актуелната документаристичка сцена, од 22 до 25 август во Чифте амам; и „Сторивуд“ за млади и млади во душа во и околу Куршумли-ан.
Во програмата на фестивалот се задржани разговорите „Под смоквата“, а ќе биде поставена и фото-изложбата „Патувањата на магаренцето на МакеДокс“.
Во Куршумли-ан, за време на фестивалот своја мобилен инфо-деск ќе има и Медија канцеларијата во Македонија, на кој сите заинтересирани за програмите на Медија ќе можат да добијат информации од „прва рака“.
Во најава на седмиот „МакеДокс“ на 18 август, на Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 21 часот, ќе се одржи проекција за филмско загревање со хип-хоп дуото „Марта и Ники“, по што ќе следува диџеј-сет на Димитри од Чаир заедно со артистите што ќе учествуваат во неговата работилница.
Годинава „МакеДокс“ подготви апликација која може да се симне од Google Play Store или APP Store, и со која ќе може да се следи распоредот на филмската програма, концертите, присутните гости и сите други активности на фестивалот.
Што се однесува до билетите, целовечерен билет за проекциите и настаните во Куршумли-ан од 21 до 25 август чини 150 денари, додека целовечерен билет за проекциите и настаните во Куршумли-ан на 20 и 26 август чини 300 денари.
Цена на билет за една проекција на платото пред Куршумли-ан е 50 денари.
Билетите ќе можат да се купат во претпродажба и за време на фестивалот на сите продажни места на „Купи карти за се“ и он-лајн на нивната веб-страна, како и на самото место на настанот.
Фестивалска карта за сите проекции чини 1.200 денари, која може да се добие со испраќање на барање за фестивалска карта со име и презиме и фотографија на имејл: festival@makedox.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.