| четврток, 6 декември 2018 |

Исинбаева сепак пристигна во Рио: Никогаш нема да им простам

Победата во скокот со стап на Олимпијадата во Рио секогаш ќе биде под сомнеж поради отсуството на руската двократна шампионка Елена Исинбаева, тврди самата Русинка.

Исинбаева го има вториот најдобар резултат оваа сезона од 4.90 метри на рускиот шампионат и само Американката Сенди Морис има подобар скор од 4.93 метри. Меѓутоа, поради суспензијата на рускиот атлетски тим, Исинбаева не е во Рио како натпреварувач иако никогаш нема паднато на допинг-тест.

– Што ќе им кажам на тие кои ќе бидат први? Тие се втори во основа – изјави Исинбаева.

Таа пристигна во Рио де Жанеиро како кандидат за спортската комисија на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), каде што во моментов е нејзиниот сонародник, четирикратниот олимписки шампион во пливање, Александер Попов.

Исинбаева освои олимписки злата во 2004 и 2008, додека во Лондон беше бронзена. Таа има поставено 28 светски рекорди во својата дисциплина.

– Сакав злато во Рио, но тоа е невозможно. Секако дека сум лута што не сум во Бразил како натпреварувач, но морам да бидам тука. Никогаш нема да се помирам со фактот дека ме суспендираа. Никогаш нема да простам за тоа – изјави Исинбаева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top