Турски тимови со 24 возила и 42 лица со специјална опрема за испумпување вода и чистење на калта и наноси помагаат во поплавените населени места во скопскиот регион. Во Република Турција се уште се одвива кампања за собирање средства и помош за поплавените подрачја. Досега од таму пристигнале шест камиони со најитна помош од Бурса, а ваква помош е најавена и од Мармара, беше потенцирано на денешната прес-конференција во Амбасадата на Турција во Скопје.
За помошта што се собира за Македонија во Турција е формирано координативно тело составено од претставници на Црвената полумесечина на Турција и Црвениот крст, ТИКА, АФАД – специјализирана организација за помош при несреќи и итни ситуации, и турски невладини организации што имаат стотина свои волонтери кои помагаат на терен, соопшти амбасадорот Омур Шолендил.
Шолендил изрази сочувство за жртвите во невремето и посака брзо заздравување на повредените, потенцирајќи дека Турција, како и секогаш, ќе и помогне на пријателска Македонија за справување со оваа катастрофа. Турскиот амбасадор ги посетил сите места во скопскиот регион опфатени со невремето.
Заменик–претседателот на Црвената полумесечина на Турција и советник на градоначалникот на истанбулската општина Метрополитан Исмаил Турунч, кој ги предводи турските тимови за помош, истакна дека тие првично помогнале за расчистување на улиците и домовите во населбата Сингелиќ, но оти тие ќе продолжат и во другите поплавени места, без оглед на етничката и верска припадност на жителите.
– Треба да им се помогне на овие луѓе и да се исчисти калта и нечистотијата од нивните домови. Ние како општина, особено со нашата техничка опрема која што е многу ефикасна за исфрлување на ваквиот отпад со 14 возила и 34 лица персонал дојдовме тука да им помогнеме на овие луѓе. Со помош на Амбасадата и на невладините организации успеавме оваа помош да ја зголемиме на 24 возила и 42 лица персонал. Помошта ја почнавме од Сингелиќ, рече Турунч.
Во Турција, додаде тој, во тек е кампања која ќе помогне да се задоволат социјалните проблеми со кои ќе се соочат жителите од поплавените подрачја откако ќе бидат исчистени калта и наносите и водата.
– Во тој контекст мора да се нагласи дека општината Бурса предничи и од таму веќе пристигна помош и од утре ќе се дели. А од областа Мармара ја продолжуваат оваа активност според потребите, рече претставникот на Црвената полумесечина.
Жителите на Бурса во Македонија досега испратиле четири камиони со хигиенски средства и храна, а на граница се уште два камиони со ваква помош, информираше претставникот од тој град, кој најави продолжување на помошта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.