На локацијата на мегалитската опсерваторија Кокино, на 21 август (недела) ќе се одржи целодневниот културен хепенинг „Кокино – тврдина на сонцето“, соопштуваат од „Пасворд продукција“.
Овој несекојдневен настан е организиран за едно поинакво афирмирање на мегалитската опсерваторија, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот. Со грижливо селектирана програма, мултимедијалниот фестивал „Тврдина на сонцето“ има цел да ѝ даде поинаква живост и промоција на самата мегалитска опсерваторија, без да се нарушат атмосферата и духот на самиот локалитет.
Имено, според организаторите, в недела, во подножјето на Кокино, долж обележаната рута и во просторот на самата опсерваторија ќе се одржат мноштво културни активности кои почнуваат во 17 часот со организирани, едукативни тури до опсерваторијата, но и организираните работилници за филигран, керамика, компостирање, оригами, а паралелно со нив ќе се одвиваат и предавања од областа на астрономијата.
Перформативните активности на настанот, пак, ќе почнат со поетско читање, со кое во 19 часот се отвора главната сцена. По читањето, во вечерните часови продолжувамузичка програма и перформансите во живо во чии рамки ќе настапат Мухамед Ибраими, групата „Фолтин“ и Кирил Џајковски.
Посебно уживање е предвидено за затворањето на настанот, кога ќе се набљудуваат ѕвездите и во опуштена атмосфера на магичната локација предвидени се проекции на краткометражни филмски продукции околу полноќ на отворено небо со што ќе се затвори целодневното дружење.
-Влезот за настанот е бесплатен, а за истиот е организиран и автобуски превоз од Скопје.
Билетите за организираниот автобуски превоз на релација Скопје – Кокино – Скопје чинат 200 денари.
За време на настанот ќе биде регулиран и пристапот до локацијата со автомобили, за што пак е обезбеден посебен паркинг простор, кој посетителите ќе ги чини 100 денари од возило, велат организаторите.
Бидејќи специфичноста на локацијата наметнува посебни услови пред сѐ од безбедносен и еколошки аспект и затоа се апелира посетителите во што поголем број да го користат организираниот автобуски превоз.
-Доколку сепак се одлучите на настанот да дојдете со сопствено возило, поради строго ограничениот капацитет ве советуваме што поскоро да го осигурате билетот за пристап до паркингот на настанот. На овој начин, покрај тоа што посетителите придонесуваат во еколошкиот аспект на настанот, тие воедно и донираат за помош на настраданото население од поплавата во Скопје.Имено, сите средства од продажбата на овие билети целосно ќе бидат донирани за помош на загрозеното население од поплавените подрачја, а со цел да се соберат што повеќе средства, на локацијата каде што ќе се одржува фестивалот ќе има ипунктови за донации, велат од „Пасворд продукција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.