| четврток, 6 декември 2018 |

Фелпс со четврто злато во Рио, вкупно 22 на Олимписките игри

majkl felps

Најдобриот пливач на сите времиња, Американскиот ветеран Мајкл Фелпс ноќеска стигна до четвртото злато на Олимписките игри во Рио од исто толку трки на кои настапи. Освен што е најдобар пливач, Фелпс од ден во ден го подобрува апсолутниот рекорд со најмногу златни медали во историјата на Олимписките игри. Досега на петте на кои настапи освои неверојатни 22 златни од вкупно 26 медали.

Иако се очекуваше да биде многу тесно, Мајкл Фелпс стигна до 4. злато на трката на 200 метри мешано откако главниот конкурент Рајан Лохти потфрли во финалето.

Фелпс имаше време од 1:54.66, на помалку од една секунда од светскиот рекорд за триумф пред Јапонецот Косуке Хагино и Кинезот Ванг Шун, додека Лохти беше само петти. Рио е четвртата Олимпијада во низа во која Фелпс победува во дисциплината, а покрај тоа, ова е 13. индивидуален медал во неговата кариера, каква што тешко дека ќе видиме во иднина.

– Засега, не знам што да размислувам за тоа. Не знам што да кажам. Но, кариерата беше навистина пеколна – изјави Фелпс.

manuel i oleksijak

Симон Мануел го одбележи историскиот ден за американското пливање со победа на 100 метри слободно, како прва Афроамериканка со индивидуално злато во пливање. Златото таа го подели со 16-годишната Канаѓанка Пени Олексијак во неверојатно израмнета трка.

– Пресреќна сум што можам да бидам инспирација на другите и што внесувам малку различност во спортот. Но, би сакала да има ден кога ќе има повеќе црни пливачи – вели Мануел.

Трката требаше да биде историска поради други причини бидејќи австралиските сестри Бронти и Кејт Кемпбел, кои веќе освоија злато преку штафетата, се обидуваа да станат првите сестри кои делеле олимписки подиум во индивидуална трка. Меѓутоа, и двете не освоија медал.

200 МЕТРИ ГРАДНО (Ж)

1.Рие Кането (Јап) 2:20.30

2.Јулија Ефимова (Рус) 2:21.97

3.Џинглин Ши (Кин) 2:22.28

200 МЕТРИ ГРБНО (М)

1.Рајан Марфи (САД) 1:53.62

2.Мичел Ларкин (Авс) 1:53.96

3.Евгениј Рилов (Рус) 1:53.97

200 МЕТРИ МЕШАНО (М)

1.Мајкл Фелпс (САД) 1:54.66

2.Косуке Хагино (Јап) 1:56.61

3.Шун Ванг (Кин) 1:57.05

100 МЕТРИ СЛОБОДНО (Ж)

1.Симон Мануел (САД) 52.70

1.Пени Олексијак (Кан) 52.70

3.Сара Сјестром (Шве) 52.99

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top