| четврток, 6 декември 2018 |

Казахстанецот Баландин е херој на денот, Чалмерс најдобар во спринтот

На петтиот натпреварувачки ден во пливање во „Акватик центарот“ во Рио беа доделени уште четири златни медали.

balandin

Херој на денот е Казахстанецот Дмитриј Баландин, кој направи огромно изненадување на 200 метри градно за да го освои првиот пливачки медал за Казахстан. Баландин од осмата стартна патека стигна до шокантна победа со време од 2:07.46 откако на почетокот на трката Јапонецот Јасухиро Косеки беше под секунда од светскиот рекорд на последното вртење, но не успеа да го задржи темпото. Американецот Џош Пренот го освои среброто со 2:07.53, додека Русинот Антон Чупков беше бронзен (2:07.70), а Косеки беше само петти.

Победата на Баландин беше уште послатка бидејќи дојде само неколку минути откако сонародникот Ниџат Рахимов го освои првиот златен медал за Казахстан во Рио со светски рекорд во кревањето товар до 77 килограми.

calmers

Австралискиот тинејџер Кајл Чалмерс е новиот пливачки спринтерски крал, по победата на 100 метри слободно. Пред стартот фаворити во трката беа Американецот Нејтан Едријан и сонародникот на Чалмерс, Камерон Мекивој, но сепак Чалмерс успеа да го донесе златото за Австралија со време од 47,58 секунди.

Австралијанецот беше побрз од Белгиецот Питер Тимерс, кој доплива со време од 47,80 секунди, додека бронзата ја освои Едријан со 47,85 секунди.

– Имав ментална сила и верба дека можам да го направам тоа. Тренирав за 47,5 време и успеав да го направам тоа. Последните 15 метри беа пеколни. Беше навистина добро – вели Чалмерс.

garsija

Шпанката Миреја Белмонте Гарсија по две сребра и една бронза, конечно, стана олимписка шампионка откако победи во женската трка на 200 метри пеперутка. Таа беше сребрена во дисциплината во Лондон, каде што беше втора и на 800 метри слободно зад Кејти Ледецки, а во Рио веќе освои бронза на 400 метри мешано.

25-годишната Белмонте е прва шпанска пливачка шампионка по Мартин Лопез Зуберо, кој победи на 200 грбно во Барселона во 1992 година.

sad zeni

Доминацијата на Американката Кејти Ледецки во Рио продолжи откако таа ја предводеше американската штафета на трката 4х200 метри слободно до нова победа за свој трет златен медал од Рио. Таа пливаше заедно со Елисон Шмит, Леа Смит и Маја Дирадо и со време од 7:43.03 стигна пред Австралија и Канада.

Времето на Ледецки од 1:53.74 за 200 метри беше барем две секунди побрзо од времињата на другите пливачи освен од вицешампионката на 200 слободно, Швеѓанката Сара Сјестром (1:54.88). Потрагата по четврто злато и петти медал од Рио, Ледецки го продолжува на 800 метри слободно, каде што е светски рекордер и апсолутен фаворит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top