| четврток, 6 декември 2018 |

Италијанската „Фереро“ ќе поставува опитни парцели со лешници во Македонија

lesnici

Италијанската компанија „Фереро“ е заинтересирана за поставување опитни парцели лешник во Македонија, поради што од државата бара под концесија 10 до 20 хектари земјоделско земјиште. „Фереро“, позната по еурокремот „Нутела“ и чоколадните бонбони „Рафаело“ и „Фереро рошер“, во наредните четири ­ пет години ќе утврдува кој вид лешник најдобро успева, а потоа планира производство.

Претставниците на компанијата, Гофредо Перна и Томасо Патикнина, за оваа цел денеска имаа средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, како и со државниот секретар Бесир Јашари. ­

-Ќе сториме се за да и излеземе во пресрет на италијанската компанија со единствена цел ­ поголемо и квалитетно производство. Ќе утврдиме каде има слободни површини. За најповолни се сметаат регионите на Охрид, Струга и Ресен- истакна Јашари по средбата.

За поттикнување на производството на лешници во земјава, додаде, интервенирано е со законски измени кои предвидуваат давање земјиште под концесија на 70, а не на 30 години како досега. ­

-Тоа е многу сериозен и битен чекор кој, според увидот на терен, дава резултати. Површините во последните години се зголемени од 400 на 600 хектари, а просечното производство на нелупен лешник каков што се бара на европскиот пазар достигнува два до три тони по единица површина. Дополнително, државата обезбедува и субвенции од 33.000 денари за одржување на насадите, 2,5 денари за предаден род, 25 денари за производство на садници од домашни компании, а на располагање се и ИПАРД средства за модернизација на производството- укажа Јашари.

„Фереро“ ја реализира посетата на Македонија на покана од фирмата „Ал Јунајтед“ со која соработува, а која во Македонија има 37 хектари засадени со лешник. ­

-Пред повеќе од десет години дојдовме и ги скениравме состојбите за производство на лешник. Досега ги опсервиравме сите можности за продолжување на овој бизнис тука. Особено сме задоволни од владините политики и измените на законските решенија за поттикнување на одгледувањето на оваа култура. Гледаме дека државата е многу заинтересирана и вложува максимални напори во оваа насока- истакна Перна.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top