| четврток, 6 декември 2018 |

ДЗС: Набавени се нови 1.180 пумпи, дел се веќе во функција

­

saliu

Владата набави нови 1.180 пумпи, од кои дел се веќе на терен. Другите, како што ќе пристигнуваат така ќе се ставаат во функција. Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) досега имаше околу 85 пумпи, ова денеска го соопшти директорот на оваа институција Шабан Салиу. ­

-Ние имаме големи, моќни пумпи, за 3.000 литри во минута. Неколку веќе се приклучени таму- рече Салиу. ДЗС, како што посочи, постојано е на терен овие три дена. ­

-Најзагрозени подрачја се Стајковци, Ченто, Синѓелиќ, Страчинци, Булачани, Виниче, Црешево, Камник, Раштански Пат и други. Освен ДЗС, на терен се и министерствата за одбрана и за внатрешни работи, како и други субјекти што можат да ни дадат одредена помош. Максимално се грижиме прво да ја санираме инфраструктурата бидејќи има урнато многу патишта- рече Салиу.

Најави дека постојано ќе бидат на терен сè додека не се врати состојбата во нормала, по улиците и во куќите. Апелираше доколку има доброволци, да им се приклучат и да помогнат во погоденото подрачје. Помош досега има од Бугарија, Србија, а се најавува и од БиХ и од други држави. Тој информира дека имаат ангажирано тимови што се потребни за работа со механизација и со пумпите кои се поставени во најважните точки.

-Во моментов има околу 250 возила и механизација на Дирекцијата и од одредени градежни фирми. ­ Го активиравме механизмот за заштита и спасување во Брисел и добивме можност за влегување во картите на Коперникус. Тоа се сателитски снимки, каде ќе имаме прегледност во секоја куќа што се случило, во поглед на штетата – рече Салиу.

Најави дека наскоро ќе дојдат експерти од Брисел за да се утврди која е причината за толку голема несреќа. Салиу потенцира дека во моментов на терен се 276 вработени во ДЗС, распределени на четири точки. Според него, има координација меѓу институциите, а тој е во постојана комуникација со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Салиу рече дека досега се починати 22 лица, а како исчезнати се водат три или четири лица. Салиу рече дека синоќа разговарал со градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски, каде има поплавено делови и додаде оти и таму ќе упатат пумпи. Салиу рече дека имале дежурства и дека знаеле дека се подготвува невреме, со дождови. ­

– Нема апсолутна одбрана во моментот кога врне дожд. Никој неможеше да претпостави дека ќе се случи ваков настан – рече Салиу.

Директорот на ДЗС информира дека не може се да се санира во еден ден. ­

-Правиме сè што е во наша надлежност и моќ и максимално им помагаме на сите настрадани семејства. Организирана е и достава храна. Најважно е да се исцрпат водите, калта и да се изврши санација на теренот за да не се шират заразни болести. Некаде најверојатно има и угинат добиток. Месното население постојано се снабдува со вода за пиење – рече Салиу.

Тој очекува за два­ три дена да се покажат првите резултати, односно подобрување на терено од активностите за санација на штетите. Шабан Салиу изрази сочувство до семејствата на загинатите и настраданите во поплавите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top