Владата набави нови 1.180 пумпи, од кои дел се веќе на терен. Другите, како што ќе пристигнуваат така ќе се ставаат во функција. Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) досега имаше околу 85 пумпи, ова денеска го соопшти директорот на оваа институција Шабан Салиу.
-Ние имаме големи, моќни пумпи, за 3.000 литри во минута. Неколку веќе се приклучени таму- рече Салиу. ДЗС, како што посочи, постојано е на терен овие три дена.
-Најзагрозени подрачја се Стајковци, Ченто, Синѓелиќ, Страчинци, Булачани, Виниче, Црешево, Камник, Раштански Пат и други. Освен ДЗС, на терен се и министерствата за одбрана и за внатрешни работи, како и други субјекти што можат да ни дадат одредена помош. Максимално се грижиме прво да ја санираме инфраструктурата бидејќи има урнато многу патишта- рече Салиу.
Најави дека постојано ќе бидат на терен сè додека не се врати состојбата во нормала, по улиците и во куќите. Апелираше доколку има доброволци, да им се приклучат и да помогнат во погоденото подрачје. Помош досега има од Бугарија, Србија, а се најавува и од БиХ и од други држави. Тој информира дека имаат ангажирано тимови што се потребни за работа со механизација и со пумпите кои се поставени во најважните точки.
-Во моментов има околу 250 возила и механизација на Дирекцијата и од одредени градежни фирми. Го активиравме механизмот за заштита и спасување во Брисел и добивме можност за влегување во картите на Коперникус. Тоа се сателитски снимки, каде ќе имаме прегледност во секоја куќа што се случило, во поглед на штетата – рече Салиу.
Најави дека наскоро ќе дојдат експерти од Брисел за да се утврди која е причината за толку голема несреќа. Салиу потенцира дека во моментов на терен се 276 вработени во ДЗС, распределени на четири точки. Според него, има координација меѓу институциите, а тој е во постојана комуникација со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Салиу рече дека досега се починати 22 лица, а како исчезнати се водат три или четири лица. Салиу рече дека синоќа разговарал со градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски, каде има поплавено делови и додаде оти и таму ќе упатат пумпи. Салиу рече дека имале дежурства и дека знаеле дека се подготвува невреме, со дождови.
– Нема апсолутна одбрана во моментот кога врне дожд. Никој неможеше да претпостави дека ќе се случи ваков настан – рече Салиу.
Директорот на ДЗС информира дека не може се да се санира во еден ден.
-Правиме сè што е во наша надлежност и моќ и максимално им помагаме на сите настрадани семејства. Организирана е и достава храна. Најважно е да се исцрпат водите, калта и да се изврши санација на теренот за да не се шират заразни болести. Некаде најверојатно има и угинат добиток. Месното население постојано се снабдува со вода за пиење – рече Салиу.
Тој очекува за два три дена да се покажат првите резултати, односно подобрување на терено од активностите за санација на штетите. Шабан Салиу изрази сочувство до семејствата на загинатите и настраданите во поплавите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.