| четврток, 6 декември 2018 |

Околу 5 илјади семејства оштетени од невремето во Скопско

Околу 5 илјади семејства од 12 населени места во Скопско се оштетени од невремето во саботата.

Како што соопшти денеска државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бесир Јашари, стручни екипи се веќе на терен и вршат процена на штетите, за кои сѐ уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обесштетени.

Според Јашари, причина за последиците од поројниот дожд не се одводните канали зашто тие, напомена, редовно се чистат,  не само од Министерството за земјоделство, туку и од Министерството за животна средина и просторно планирање. Секое Министерство дејствува според утврдениот план и динамика во рамки на своите ингеренции.

– Причината за штетите не треба да се бара во каналската мрежа. Каналот  на потегот од Гази Баба кон Арачиново е исчистен и се чисти во континуитет. Очигледно, врнежите биле огромни што наведува на заклучокот дека нешто се случува и за тоа треба да се подготвуваме. Вчера излеговме на терен и почнавме со чистење на мртвиот добиток за да не се дозволи ширење на какви било зарази. Работат вкупно 11 екипи, седум од Министерството за земјоделство и уште четири од Агенцијата за храна и ветеринарство – нагласи Јашари.

Подвлекувајќи уште еднаш дека надлежните се максимално ангажирани, Јашари укажа и на потребата од зачувување на шумите зашто, како што објасни, не е исто движењето на водите кога по површината има дрва со оглед дека корените апсорбираат дел од количините.

– Сега е битно да се проценат штетите. Резултатите од процената ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, ќе се ревидираат, по што ќе следува и исплатата за уништените површини и добиток. Луѓето ќе ги добијат средствата, но, за жал, жртвите не можат да се вратат – подвлече државниот секретар Бесир Јашари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top