| четврток, 6 декември 2018 |

Херојот од скопската обиколница е тетовецот Богатиновски (фото)

veleПрофесорката од институтот за македонски јазик д-р Елка Јачева- Улчар, која што преку социјалните мрежи ја пренесе сторијата за херојот кој што вчера за време на невремето спасил неброени животи, го пронајде човекот и најави дека ќе го објави неговото име. Пред малку таа преку својот ФБ-профил објави дека се работи за Веле Богатиновски, тетовец кој сега живее во Швајцарија.

„Почитувани ФБ-пријатели, благодарение на вашите споделувања дојдов до нашиот херој од вчера. Се вика Веле Богатиновски. До пред две години живеел во Tетовско, а последниве две години во Швајцарија. Му се јавив на телефон. Ми ја раскажа својата животна приказна која ќе ја задржам за себе. Единствено нешто што можам да кажам за него (а што го дознав од телефонскиот разговор) е дека се работи за благороден човек, кој своето постоење го сфаќа како мисија за помош и за доброто на секој човек, независно од вера, пол и политичко убедување. Не сака никаков публицитет што е уште една потврда за НЕГОВАТА ГОЛЕМИНА! Нека го следат само добрини во неговата мисија! На сите вас, уште еднаш многу ви благодарам!“- напиша д-р Елка Јачева- Улчар на Фејсбук.

Многу луѓе кои синоќа патувале и сакале да влезат во Скопје, сведочат дека на влезот во Скопје, пред обиколницата биле запирани од млад непознат човек кој ги препупредувал на лошата и опасна ситуација на обиколницата. Тие својот пат кон домовите го пренасочувале по други пристапни патишта, со што практично си ги спасиле и животите.

– Го најдов човекот. Тој е од село Вратница, но не сака никаков публицитет, не сака да се експонира. Ќе го објавам неговото име на „фејсбук“ и сакам јавно да му се заблагодарам за се она што го стори за сите нас, што помогна на патниците кои сакаа да патуваат кон обиколницата – изјави претходно за Република д-р Јачева – Улчар, научен соработник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top