Холандски туроператори заинтересирани да купуваат стари и напуштени куќи во Пехчево за да изградат туристичка населба каде што ќе престојуваат холандски туристи, истакна денеска на прес-конференција градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски.
Поповски потенцира дека во оваа општина има доста куќи во кои никој не живее.
– Во преговори со многу туроператори, наидовме на една агенција од Холандија која е заинтересирана да ги откупи речиси сите куќи во Пехчево кои се напуштени и во кои не се живее. Ние сакаме да ги информираме граѓаните за оваа намера на холандскиот туроператор да размислат дали ќе ги продадат тие куќи на оваа агенција. Намерата на агенцијата е куќите да се реновираат и подготват за нивните холандски туристи кои ќе сакаат да престојуваат во Малешевијата – рече Поповски.
Тој додаде дека за таа цел Општината веќе изработува регистер на куќите во Пехчево кои се слободни за продажба, но следниот чекор е Општината да направи и категоризација на туристичките капацитети во Пехчево.
– Ние ги повикуваме граѓаните кои се заинтересирани да се занимаваат со туризам или планираат да направат туристички капацитети, или оние кои веќе имаат такви капацитети, да се јават во Општината за да направиме една евиденција за тоа со колку вакви капацитети располага Пехчево, а во идно време во соработка со Министерството за економија да направиме и соодветна категоризација на овие објекти – рече Поповски.
Поповски истакна дека со последните воведени содржини во Пехчево кои го зголемуваат квалитетот на туристичката понуда, како што е изградбата на инфраструктурата, на аденалинската патека, локалитетот Езерце, заедно со природните раритети на туристичката населба Равна Река, и интересот на холандските туроператори за Пехчево, дава надеж дека оваа мала малешевска општина е на вистинскиот пат – Пехчево да прерасне во атрактивна туристичка дестинација, а туризмот да биде основен двигател на локалната економија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.