Приватна колекција на народни носии, од етничкиот предел Долни Полог, на колекционерот од Скопје Бојан Петковски, синоќа ги збогати содржините на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.
На ревијата беа прикажани социјалните аспекти на женски народни носии од селата во околината на градот Тетово кои колекционерот и автор на ревијата ги собирал истражувајќи во периодот од четири години.
– Ревијата како сценско-уметнички проект е во функција на оживување на традицијата и затоа ја нареков „Традицијата оживува“. За време на ревијата девојките со носии пеат, покажаа дел од орската култура, инструменталната традиција и затоа станува збор за една синкретична форма, а не само ревија. Во ревијата се вклучија уметници од ансамблот „Македонија“ кои носеа носии на невеста, млада невеста, жена во средно доба, стара жена и стара жена во жалост – појасни Петковски.
Ревијата на народни носии „Традицијата оживува“ по синоќешното премиерно претставување на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола, во наредниот период ќе биде презентирана во Штип и во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.