Започна професионалниот турнир во одбојка на песок во рамките на отвореното првенство „Beach Volleyball Ohrid 2016“, кој оваа година одбележува 10 години постоење и исто толку години организирано играње на овој спорт во Македонија.
Оваа година на турнирот ќе има силна конкуренција од екипи од Македонија, Бугарија, Албанија и Косово, и во машка и во женска категорија.
Во седумте денови на првенството кое започна во средата, а ќе трае до 2 август се одржуваат и турнири во одбојка на песок за млади одбојкари и одбојкарки до 20 години, за рекреативци и за компании, а токму од денес до недела е најатрактивниот и највозбудливиот дел кога на жешкиот песок на охридското крајбрежје ќе се натпреваруваат професионалните атлети.
Организаторот оваа година воведе дополнителна плеј-оф програма во последните два дена на турнирот, со цел да им овозможи контакт и искуство со одбојката на песок на сите оние кои сакаат да го пробаат или практикуваат овој спорт.
Настанот е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка имплементирана од водечкиот партнер „Swisscontact”, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус кои меѓу другото за учесниците и посетителите на настанот обезбедија органско катче со здрави македонски продукти од органско потекло, во насока на доближување и промоција на здравиот начин на исхрана за спортистите и љубителите на спортот.
Организатор на турнирот е „Beach Volleyball Macedonia“ во соработка со Одбојкарската федерација на Македонија и градот Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.