| четврток, 6 декември 2018 |

Филхармонија на 8 август на „Охридско лето“, со проектот „Песни од срцата“

Како што информира Филхармонијата, „Песни од срцата“ е проект кој ги вклучува меѓу најубавите љубовни песни од народната македонска музичка традиција, за чии аранжмани е задолжен композиторот Сони Петровски. Овој проект Македонската филхармонија го реализираше минатата година во Македонскиот народен театар

Последниот концерт на Македонската филхармонија за оваа сезона е „Песни од срцата“, кој ќе се одржи на 8 август во Античкиот театар, во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Под палката на диригентот Борјан Цанев ќе настапат оперските пејачи Ана и Игор Дурловски.

Како што информира Филхармонијата, „Песни од срцата“ е проект кој ги вклучува меѓу најубавите љубовни песни од народната македонска музичка традиција, за чии аранжмани е задолжен композиторот Сони Петровски. Овој проект Македонската филхармонија го реализираше минатата година во Македонскиот народен театар.

Македонската филхармонија соопшти дека веќе е готова и програмата за новата концертна сезона 2016/2017 и ќе понуди концерти со разновидна содржина, настапи на врвни солисти и диригенти и премиерни дела.

Новата сезона свечено ќе биде отворена на 6 октомври, со настап на познатата виолинистка Мидори (Јапонија, САД), која ќе го изведе атрактивниот Концерт за виолина и оркестар од оскаровецот Ерих Корнголд. Под палката на Емил Табаков од Бугарија, ќе биде изведено и комплексното симфониско дело „Животот на херојот“ од Рихард Штраус, по кое овој концерт го носи насловот.

До крајот на сезоната, на сцената заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапат и наградуваните пијанисти – Лукас Вондрачек од Чешка, Џорџ Ли од САД, Дино Имери од Македонија, Оли Мустонен од Финска, потоа виолинистите со меѓународна кариера Ѓорѓи Димчевси и Сихана Бадивуку, светски признатиот виолинист Нинг Фенг од Јапонија.

– Публиката првпат ќе ги слушне и харфистката Мојца Злобко од Словенија, Ксенија Сидорова на хармоника од Русија, саксофонистката Ејми Диксон од Австралија, Иштван Вардаи на виолончело од Унгарија, еден од најдобрите хорнисти – Штефан Дор од Германија, нашата сопранистка Милена Арсовска… Зад пултот ќе застанат извонредните Јерухам Шаровски од Израел, нашите Борјан Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, Емил Табаков од Бугарија, Кејс Скалионе од САД, Даниел Рајскин од Русија, Со Аватсуџи од Јапонија, Тимоти Редмонд од Велика Британија, соопшти Филхармонијата.

Концертите и овојпат носат наслови кои укажуваат на програмската определба.  „Животот на херојот“ (за отворање на сезоната),   „Импресии“, „Enfant Terrible“, „Пролет во ноември“, „Гротеска“, „Виолиниски бравури“, „Чајковски: смеа и тага“, „Моцарт vs Шенберг“, „Автентичност и Барток“, „Гласот на славејот“, „ББ“, а и годинава продолжува интересниот циклус „Алхемија“.

Како ексклузивни проекти Македонската филхармонија ги најавува концертот на светскиот џез-трубач Душко Гојковиќ со неговиот Квартет, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, годинава насловен „Париз, те сакам“ и посветен на француската шансона, како и концертот „Видеоигра“ кој ќе ја донесе музиката од најновите видео анимации.

– Програмата на новата концертна сезона е шаренолика, интересна, атрактивна, наедно и комплексна, а ќе претстави дела на Чајковски, Рахмањинов, Шостакович, Равел, Дебиси, Прокофјев, Моцарт, Бетовен, Шуман, Шнитке, Сен-Санс, Бизе, Барток, Голиов…, и се разбира македонски дела, некои од нив ќе прозвучат премиерно, а со некои ќе се одбележат значајни јубилеи на македонски композитори, соопшти Филхармонијата.

За најмладата музичка публика, пак, ќе бидат изведени редовните симфониски концерти за деца, а ќе бидат воведени и нови проекти за најмладите, музички работилници и мултимедијални концерти.

Во пресрет и на новата концертна сезона 2016/2017 за љубителите на музиката Македонската филхармонија ги обезбедува традиционалните претплатнички циклуси „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“, кои ќе почнат на 12 септември.

Во 2017 година се очекува и преселувањето на оваа институција,  со што по седум децении таа ќе добие сопствен дом во нова концертна сала.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top