| четврток, 6 декември 2018 |

Повеќе од 30 илјади граѓани имаат среден ризик да заболат од болести на срце

Матичните лекари во првата половина од годинава превентивно прегледале 93.907 граѓани, со цел навреме да се откријат трите најчести незаразни заболувања - кардиоваскуларните и бубрежните заболувања како и дијабетесот, информираа директорите на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, на денешната прес-конференција.

Од прегледаните околу 90.000 граѓани од јануари до јуни, кај 21.600 мажи и 11.200 жени е констатиран среден ризик од кардиоваскуларни заболувања. Висок ризик, со можна фатална епизода во следните десет години, докторите утврдиле кај 172 мажи и кај една жена.

– На лицата со висок ризик им е даден совет или терапија, а се упатени и на кардиолог за натамошно следење. Со придржување до советите, со поздрава исхрана и поголема физичка активност, ќе се избегне фаталниот исход од мозочен удар, срцев удар и смрт причинета од нив- изјави Сашо Стефаноски, директор на Фондот за здравствено осигурување.

Матичните лекари во првата половина од годинава превентивно прегледале 93.907 граѓани, со цел навреме да се откријат трите најчести незаразни заболувања – кардиоваскуларните и бубрежните заболувања како и дијабетесот, информираа директорите на Фондот за здравствено осигурување, Стефаноски и Орхан Рамадани, на денешната прес-конференција.

Оваа и следната година планирано е на превентивни прегледи да бидат повикани 664.000 осигуреници на возраст од 35 години до 56 години.

Ризикот од бубрежни заболувања кај Македонците не е голем. Умерен ризик е утврден кај 368 граѓани, а само едно лице имало висок ризик да заболи од нефролошко заболување.

Повисоки бројки покажале прегледите за дијабетес – од околу 89.000 испитаници, кај 75.540 лица е утврден низок ризик од таканаречената шеќерна болест, кај 12.294 лица е откриен лесно покачен или умерен ризик, а кај 242 лица е откриен висок ризик од дијабетес. Интересен показател е дека 6.708 од овие лица, според индексот на телесна маса, спаѓаат во категоријата дебели.

– Карактеристичен заеднички именител кај трите најчести незаразни заболувања е тоа што со намалување внес на соли, шеќери и мрсна храна, се намалува и ризикот од овие заболувања.Препорака на лекарите е да се намали исхраната со сол и шеќер кој го користиме во кафето или во чајот, да се намалат чипсот, саламите, алкохолот, маснотијата во секоја форма на храната што ја внесуваме – рече Стефаноски.

Рамадани информира дека Фондот испечатил 350.000 летоци, кои матичните лекари ќе ги делат на пациенти со дијабетес, срцеви заболувања и бубрежна слабост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top