Делегации на Владата на Република Македонија, на Собранието на Република Македонија, на Град Скопје и на Министерството за одбрана, како и претставници на политичките партии, дипломатскиот кор, граѓански здруженија и други организации, денеска положија цвеќе пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес што се случи во 1963 година и во кој 1.070 луѓе го загубија животот, 3.000 беа повредени, а Скопје остана под урнатини.
По повод 53-годишнината од земјотресот, цвеќе положија и делегации на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје и членовите на Црвениот крст, како и припадници на други јавни институции од земјава, оддавајќи им почит на жртвите.
Во ЈУ „Културно информативниот центар“ од 9 до 17 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на град Скопје и изложба на фотографии, додека во Младинскиот културен центар во 20 часот ќе почне „МКЦ за Скопје“, настан кој ќе биде отворен со изложбата „Скопје 63-Хроника на една катастрофа“ на фотографот Бошко Фржоп (Хрватска). Прикажани ќе бидат и пет кратки филмови на скопските режисери Игор Иванов Изи, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Ѓорче Ставревски и Марко Ѓоковиќ.
Во Музеј на град Скопје, пак, во 20 часот, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ќе ја отвори изложбата „Скопје 1963- виртуелни изложбени тури“.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.