| четврток, 6 декември 2018 |

Со колку „црни“ пари се финансира СДСМ?

akt203-1
СДСМ добила донации на сметка во Комерцијална банка од физички и правни лица во износ од 782.000 денари, или околу 13.000 евра, стои во извештајот за донации за 2015 година доставен до Државниот завод за ревизија. Преведено во пратенички плати, станува збор за месечен бруто приход од четири пратеници од опозицијата. Пријавената сума речиси е неверојатно да се поверува дека е реална, со оглед на фактот дека лидерот на партијата во неколку наврати тврдеше дека фирмите од неговото потесно семејство се едни од главните финансиери на партијата. Ако фирмите од кланот Заеви не се регистрирани како донатори, тогаш се поставува прашањето каде се заведени овие пари, и за што се потрошени?
Во извештајот доставен на 2 март 2016 година се наведени 476 донации од физички и правни лица. Меѓу донаторите се јавува и лидерот на партијата Зоран Заев кој „несебично“ одвоил од својот џеб 60.000 денари. Генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски бил „подарежлив“ од шефот, па донирал 70.000 денари, а интересно е тоа што ниту еден друг од партиското раководство, меѓу кои и потпретседателката на партијата Радмила Шекеринска, не дале скршен денар за партијата. Спасовски во телефонски разговор ја потврди донацијата, но не сакаше да одговори зошто неговите сопартијци ги нема на списокот на донатори.
donacija2 donacija1
Во финансискиот извештај на партијата пак, за 2015 година, СДСМ пријавила вкупни приходи од 688.000 евра, но и речиси исто толку расходи. Наведено е дека потрошиле 40.000 евра за патни трошоци, но нејасно е дали со тие пари Заев ги плаќаше автобусите со кои беа разнесувани членовите и симпатизерите на протестите? Од СДСМ треба да одговорат и колку ја чинеше партијата неколкумесечното организирање протести и во другите градови во државата? Колку чинеа услугите на српските сеачи на магла? Кој и како ги плаќаше овие активности на СДСМ? Колку пари потроши партијата за камперите кои два месеци кампуваа пред влада?
kamp
Интересно да се забележи од финансискиот извештај на партијата е дека во 2015 година СДСМ имала расход од 40.000 евра на име „камати на кредити и заеми“. Со вакво темпо на враќање на долгот кон Комерцијална банка, СДСМ ќе треба да ја враќа основицата на кредитот во следните 40 години.
Во соопштението кое завчера го испрати СДСМ воопшто не се демантираат информациите објавени во текстот на Република во кој се вели дека партијата за да избегне банкрот морала да го обнови револвинг кредитот со што повторно се задолжила во Комерцијална банка за 1.6 милиони евра.
– Текстот во Република, пренесуван од медиумите под контрола на Никола Груевски, само потврдува дека СДСМ како партија на граѓаните, како и сите други граѓани во Р.Македонија, се финансира согласно законските прописи во државата, од членарини, донации и преку кредити, се вели во соопштението на СДСМ.

naslovna203-1
Покрај условите за враќањето на кредитот, не интересираше и на каков начин СДСМ го обезбеди кредитот, односно дали партијата злоупотреби дел од нелегално прислушуваните разговори за да го одоброволи директорот на банката? Таков одговор не добивме.
Покрај начинот на обезбедување на кредитот, СДСМ треба да одговори дали и колку други „црни“ пари СДСМ користи за финансирање на партијата? Зошто во листата за донации не се наведени парите од фирмите на кланот Заеви, кои според изјава на лидерот на партијата, во текот на минатата година ја финансирале партијата?

Да потсетиме, токму во периодот меѓу партиската процeдурална одлука за задолжување и официјализирање на договорот со Комерцијална банка со што на партијата ѝ се овозможува кредитната линија да ја користи и отплаќа до 2021 година, случајно или не, на интернет беше објавен разговор на директорот на Комерцијална банка Хари Костов.
hari kostov
Станува збор за разговор што потекнува од колекцијата прислушувани разговори што не завршија кај Катица Јанева во СЈО, туку останаа по фолдерите кај луѓе блиски на СДСМ. Дел од овие противзаконски снимени разговори беа најдени кај Захир Бекири- Чаушот. Зоран Божиновски се пофали преку социјалните мрежи дека има цели компјутерски папки со разговори, а дел од нив објавуваа и други познати членови на СДСМ. Во меѓувреме, во јавноста гласно се зборуваше, дека сниките од разговорите се користат за уценување и изнудување на пари од бизнисмени. Шпекулациите ги потврди и министерот за внатрешни работи Митко Чавков кој рече дека за такви случаи имаат сознанија, но не можат да преземат конкретни мерки затоа што бизнисмените не се осмелуваат да пријават.
akt203-4
За потсетување, кредитот што на 19 април 2011 година го зеде тогашниот претпоставен на Заев, Бранко Црвенковски, истече на 19 април 2016 година. Токму затоа, Заев, на почетокот на годината наместо да се спрема за избори, направи се да ги одложи, под изговор за, божем, спорни гласачи и медиумски регулирања, а впрочем, тој мака мачел да успее да го продолжи рокот на кредитната линија.
Документацијата на „Република“ покажува дека одлуката за задолжување и заложување под хипотека поминала и на Централниот одбор на 25 март 2016 година. Со оваа одлука се дава право да се смени и продолжи рокот на хипотекарниот долг на партијата, а новото задолжување се дополнува со обезбедување подвижен имот и меници. На седницата, покрај членовите на ЦО, биле поканети и челниците од надзорниот одбор, задолжениот за меѓународна соработка, скопската организација, пратеничката група, градоначалниците и други што немаат право да донесуваат одлуки.
akt203-5
Централниот одбор дал согласност СДСМ да издаде и три сопствени акцептирани меници со менични изјави со согласност банката да ги пополни и употреби за наплата на побарувањата без протест.
Заев како претседател и Оливер Спасовски како одговорен за материјално- финансиско работење на партијата, во име на СДСМ од една и Комерцијална банка а.д. Скопје од друга страна, потпишуваат Анекс број 1 кон Договорот за залог на недвижен имот со својство на извршна исправа, на ден 27 април 2016 година, со кој врз основа на Анекс број 1 кон Договорот за рамковен револвинг кредит лимит (РРКЛ) се менува и дополнува рокот за враќање на кредитот земен во 2011 година. Така, место СДСМ да го врати долгот заклучно со 19 април 2016 година, партијата го продолжува договорот за задолжување од 1,6 милиони евра со рок за враќање до 19 април 2021 година.
akt203-0
Токму во периодот меѓу одлуката на Централниот одбор на партијата за продолжување на договорот за кредит со таа банка и потпишувањето на анексот на тој договор за дополнителни нови пет години, односно до 19.4.2021 година, во јавноста се појави разговор токму на директорот на Комерцијална банка, Хари Костов, од „фонотека“ што Заев ја задржа и не ја предаде во СЈО.
СДСМ не одговори ниту на прашањето: колку може да биде коинциденција, токму тогаш да се случи објавување на оваа снимка и дали знаат кој се поседува вакви снимки?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top