| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците не се откажуваат од уплатените одмори во Турција

Тур-операторите и туристичките агенции, членки на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, кои веќе имаат договорени туристички аранжмани (чартер авиолетови и пакет-аранжмани) за летната сезона во Турција, продолжуваат да ги организираат патувањата до понудените дестинации.

Како што соопшти Стопанската комора, оваа одлука е донесена по синоќешните разговори и анализирање на состојбата во Турција.

На одлуката влијаело и соопштението од Советништвото за култура при Амбасадата на Република Турција во Скопје, со кое се потврдува дека сите странски гости кои се наоѓаат и планираат да престојуваат во Турција се сигурни, како и дека во наредните три месеци, почнувајќи од 21 јули годинава, додека трае воведената вонредна состојба, се зголемени безбедносните и превентивните мерки.

– Од друга страна, согласно актуелните состојби во Турција, кај угостителските објекти (хотели), членки на Здружението на угостителството и туризмот, евентуалниот намален прилив на турски туристи во земјава, кој би настанал по најавените откажувања на планирани престои, може да се одрази негативно на нивното планирано тековно работење – наведува Комората.

Според статистиката, туристите од Турција се најмногубројни во Македонија неколку години наназад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top