Преминот од пролетна во есенска колекција модниот дизајнер Џорџо Арамни го постигнува со блага, но, сепак, значајна промена на курсот кон шик и гламур.
Доминантната виолетова нијанса во актуелната сезона се заменува со сиви и со метални тонови. Но, остануваат материјалите што сјаат, а пролетните сино-сиви тонови стануваат сиви и црни. Карнерите во оваа колекција останаа, но со малку поинаков крој. Моделите на чевлите се рамни, без потпетици, и се истакнува класичната женска силуета. Фустаните што имаа форма на ѕвоно или форма на пувки во долниот дел сега ја губат оваа форма и стануваат тесни, следејќи ја линијата на телото.
Шик е зборот што најдобро ги опишува моделите од колекцијата есен-зима 2016 година. Таа има неколку впечатливи детали и форми.
Балетанките не се само доминантен модел на обувки, туку и единствен! Разликите во дизајнот се минимални, имаат благо заоблен врв, а имаат и едно тенко коланче, кое се врзува околу глуждот. Боите се класични – црна и црно-бела, а материјалите се кадифе или сатен.
Накитот доминира во оваа колекција и обетките се огромни. Сребрени обетки со црни камчиња го нагласуваат елегантното издание и префинетиот вкус. Косата е подигната, зачешлана во кок.
Формата и материјалите нѐ враќаат неколку векови наназад. Доминира кадифето, кое го забележуваме во ренесансата, како и моделите на елегантни шалвари од Блискиот Исток. Иако овој спој на прв поглед не се чини како добитна комбинација, тој, сепак, функционира.
Омилен додаток е турбанот и тоа свилен, црн, со пердуви како главен детаљ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.