Викиликс објави речиси 300.000 мејлови на турската владејачка партија како реакција на масовната чистка што ја спроведува турската влада по неуспешниот обид за државен удар, објави „24 вести“. Мејловите беа објавени и покрај сајбер-нападите врз неговите сервери и обидот на турската влада да го блокира веб-сајтот во Турција.
„Треба да се напомене дека пораките најчесто се однесуваат на меѓународните односи, а не на поделикатните внатрешни работи“.
Објавените мејлови датираат од 2010 година а последниот бил испратен на 6 јули. Од Викиликс соопштија дека дошле во сопственост на мејловите една недела пред неуспешниот државен удар во Турција.
„Турските граѓани сигурно се прашуваат дали Викиликс е за или против турската владејачка партија. Ништо од тоа. Нашата позиција е само дека вистината е единствениот пат напред.“
Во меѓувреме, Турција им забрани патување во странство на универзитетските професори. Забраната за патување е воведена ден откако советот за високо образование ги побара оставките на ректорите на сите универзитети на територијата на државата. Бројот на лица отпуштени или суспендирани од нивните работни места се искачи на 50.000. Во исто време, денеска е уапсен и наводниот раководител на мрежата, која го организирала минатонеделниот пуч. Станува збор за Мухарем Ќосе, полковник и правен советник на Генералштабот на турската војска. Веста за апсењето, пристигна во моментот, кога Турција побара екстрадирање на исламскиот проповедник Фетхулах Ѓулен, кој живее во САД. Ѓулен пак од своја страна го повика Вашингтон да го отфрли секое барање од Турција за негово екстрадирање.
„Ја повикувам американската Влада да го отрфрли секој напор да се злоупотреби процесот за екстрадиција со цел да се изврши политичка одмазда. Ердоган денеска повторно покажа дека е подготвен на се за да ја зачува личната власт.“ – изјави Фетула Ѓулен.
Претседателот Ердоган за денеска најави важни одлуки од средбата на Националниот совет за безбедност во Анкара Во меѓувреме, Управата за верски работи на Турција соопшти дека нема да дозволи одржување на верски погребни обреди за учесниците во, како што се наведува, „предавничкиот напад на државата, народот и турскиот Парламент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.