| четврток, 6 декември 2018 |

Во Риека отворен најголем Исламски центар на Балканот

Во Риека свечено беше отворен Исламски центар, на чие свечено отворање присуствуваа речиси 20.000 верници и гости меѓу кои и претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ, членот на претседателството во БиХ Бакир Изетбеговиќ и министерот за верски прашања на Катар, Гајс бин Мубарек ел Кувари, како и пратеникот од Катар, Хамада бин Халифе ал Таниј.

Претседателот Иво Јовиповиќ истакна дека Хрватска е простор на кој различностите живеат заедно и дека е држава на верски права и слободи , пренесе агенција Хина.

-Исламската традиција е вткаена во ткивото на хрватската општествена и духовна историја и како и останатите малцински традиции, го збогатува хрватскиот културен идентитет, рече Јосиповиќ и оцени дека Исламската заедница и нејзиното раководство од почеток дејствува врз изградба на демократско општество, развивајќи пријателски и соработнички односи со државните тела.

islamski-centar1

Членот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ потврди дека Хрватска е добро место за живот на Бошњаците муслимани и дека начинот на кој е решен нивниот статус може да биде пример за другите европски држави.

-Тие овде живеат слободно и во потполна мерка ги остваруваат своите национални и верски прашања, рече Изетбеговиќ и додаде дека денешното отворање на Исламскиот центар праќа добри сигнали на целиот свет, а особено на религијата по сите драматични случувања од блиското минато.

Катарскиот министер Гајс бин Мубарек ел Кувари оцени дека Исламскиот центар за кој рече дека е архитектонско ремек дело, ќе дејствува и на исправање на искривената слика за исламот и муслиманите.

Реис Ул Улема, верски поглавар на БиХ, Хусеин Кавазовиќ во својот говор ја истакна потребата од соживот помеѓу муслиманите, христијаните и евреите, и додаде дека Хрватска е зрело општество отворено за сите свои граѓани, а Риека космополитски град.

Шефот на претседателството на Европската комисија во Хрватска Пол Вандорен наведе дека со отварање на центарот се потврдува определеноста на Хрватска за европските начела за мултикултурноста и различностите.

Тој изрази уверување дека Хрватска со сите свои верски заедници ќе одигра важна улога во процесот на зајакнување на дијалогот со црквите и другите верски заедници во составот на Европската унија.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top