Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган своето прво интервју по немирите во Турција го даде за „Си-Ен-Ен“. Во разговор со репортерката Беки Андерсон тој не ги демантираше информациите дека неговата земја повторно ќе воведе смртна казна за да се пресмета со илјадниците уапсени (околу 9.000), кои се товарат за учество и организација на неуспешниот воен удар.
– Овде јасно имаме злосторство и велепредавство – рече Ердоган во интервју за „Си-Ен-Ен“.
– Но, секако, Парламентот ќе мора да ја донесе таа одлука во смисла на уставни измени, политичките лидери ќе разговараат за тој предлог, и ако помине, тогаш јас како претседател ќе го ставам својот потпис на одлуката на Парламентот – рече Ердоган.
Неколку светски лидери и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини ја предупредија Турција дека не може да стане членка на ЕУ доколку воведе смртна казна и дека ќе го загуби и членството во НАТО.
Судејќи според начинот на кој Ердоган одговара на прашањата тој за воведувањето на смртната казна воопшто не се противи.
– Зошто да ги држам по затвори и уште со години да ги хранам? Тоа народот ми го кажува, вели Ердоган.
– Народот сака што побрзо да завршиме со ова, бидејќи им се убиени роднини, соседи и деца. Тие страдаат, чувствителни се и затоа ние мора да делуваме разумно и да сочувствуваме со нив – рече Ердоган во интервјуто за „Си-Ен-Ен“.
Како што и веќе пишуваа медиумите, Ердоган веднаш по обидот за пуч изјави дека сите соучесници на тој чин ќе одговараат за велепредавство.
Ердоган ниту во ова интервју не заборави да го спомене исламскиот проповедник Фетула Гулен, некогашниот негов соработник, кој во меѓувреме, откако пукна нивното пријателство замина за САД. Тој токму него го смета за организатор на пучот и најави дека во наредните денови и официјално ќе побара негова екстрадиција.
Тој очекува позитивен одговор на барањето од САД како партнерска земја која ќе го следи правилото на реципроцитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.