| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжија меѓупартиските разговори за излез од кризата

Разговорите меѓу претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино за отворените прашања што го попречуваат решавањето на политичката криза продолжија попладнево. Поради отсуството од земјата на амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, кој е на консултации во Брисел, средбата се одржува во резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли.

На средбата присуствуваат Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ,  Радмила Шеќеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА. Од Канцеларијата на ЕУ беше најавено присуство на заменикот на Орав.

Тодоров, кој ја преставува ВМРО-ДПМНЕ на меѓупартиските разговори, изјави дека очекува да биде постигнат договор на денешната средба.

– Се разговара за ингеренциите на министерот за внатрешни работи и за тоа до кога министрите предложени од опозицијата ќе бидат во Владата. ВМРО-ДПМНЕ бара доколку СДСМ изгуби на изборите, нивните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и дополнителните заменици-министри да се повлечат веднаш после изборите, а доколку победи за тоа нема потреба. ВМРО – ДПМНЕ бара оневозможување на масовни партиски промени во МВР односно да нема масовни партиски чистки во МВР, рече Тодоров, по доделувањето акредитации на првите три здравствени установи.

Со неприфаќањето на овој нивни предлог, според Тодоров, СДСМ јавно пред граѓаните признава дека е свесен оти ќе ги загуби следните избори.

Што се однесува до ингеренциите на министерот за внатрешни работи, Тодоров дециден дека е неточно оти ВМРО – ДПМНЕ бара ресорниот министер предложен од СДСМ да нема никакви ингеренции.

– Никогаш ВМРО-ДПМНЕ не барало да се намалат ингеренциите, односно министерот за внатрешни работи да нема никакви ингеренции. Тоа е неточна работа и е желба за извртување на вистината со цел повторно да бидат во можност за масовни партиски чистки во МВР, изјави Тодоров.

– Барањето е многу јасно бидејќи станува збор за технички министер чија улога е да се спроведат изборите од повеќе аспекти. Неговата улога завршува со денот на изборите, а тоа што тие сакаат да останат некој ден плус да останат во Владата е заради тоа што во овој период развија потреба да бидат дел од Владата без за тоа да одлучат граѓаните, појасни Тодоров.

На новинарско прашање дали се возможни избори на 11 декември, Тодоров изрази надеж дека ќе има, но смета дека СДСМ е очајно, бега од договор, како што рече, со цел да избега од избори.

– Единствената причина зошто досега нема договор е фактот што СДСМ знае оти со изборите народот ќе ја испорача факутрата за целата оваа криза што СДСМ и на наметна на Република Македонија и за целиот овој период на пролонгирање на кризата по инсистирање  или врз основа на чекори кои ги презема СДСМ, изјави Тодоров.

По средбата во петокот американскиот амбасадор Бејли изјави дека бил постигнат извесен напредок и најави дека разговорите ќе продолжат следната недела.

– Имавме уште една добра сесија денеска. Постигнавме одреден напредок. Зборувавме за многу чувствителни прашања и одлучивме да им оставиме простор на партиите да размислат  во текот на викендот. Ќе ги продолжиме разговорите следната недела. Останувам оптимист дека доколку постои политичка волја овие прашања може да се решат и дека Македонија ќе може да оди напред, рече Бејли.

Тој посочи дека заедно со евроамбасадорот Орав сакаат да видат напредок и оти остануваат оптимисти дека тоа сеуште е можно и затоа е важно, вели,да им се даде и малку повеќе време на партиите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top