Со биење на камбаните, литургија и прва молитва пред затворените порти на храмовите, православните и дел од источните христијани синоќа на полноќ го започнаа одбележувањето на Воскресението Христово – Велигден, настан кој го означи стартот на новозаветната историја на човештвото.
Низ сите православни храмови во светот во присуство на голем број верници беа одржани велигденски полноќни литургии. Главните литургии се одржуваа во соборните храмови и со нив чиноначалствуваа поглаварите на православните црлви.
Во доминатно православните земји на главните литургии присуствуваа и највискоите претставници на државните власти, но и делегации на други верски заедници.
Велигден го прославија и коптските христијани ширум светот, а на литургијата во катедралната црква „Свети Марко“ во Каиро, присуствуваше и египетскиот претседател Мохамед Морси.
Со велигденска литургија Воскресението Христово беше прославено и во православната црква „Успение Богородично“ во Пекинг, на која присуствуваа околу 400 верници од повеќе источноевропски земји, меѓу кои и од Македонија.
Согласно одлуките на Никејскиот собор, кон кои се придржуваат сите православни и дел од источните христијански цркви, Велигден се одбележува во неделата на првата полна месечина по пролетната рамнодневница, но задолжително по еврејската Пасха. Поради ова Велигден секоја година се прославува на различен датум со отстапување од 35 дена и тоа во периодот меѓу 4 април и 8 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


