Најмалку 60 лица загинаа во обидот за воен удар во Турција изминатава ноќ, објавија светските агенции.
Уапсени се 754 лица, за кои се смета дека биле вмешани во сценариото за соборување на власта, соопшти Ројтерс. Според информација на Си-Ен-Ен близу 1.000 лица биле повредени во настаните оваа ноќ.
Во меѓувреме, претседателот на Турција Реџеп Ердоган, кој управува од 2003 година, вели дека авторите на сценариото за пуч ќе платат тешка цена. Претседателот, кој беше на одмор за време на обидот, полета за Истанбул рано утринава и беше прикажан од државната телевизија, опкружен со поддржувачи на аеродромот Ататурк, пренесе Ројтерс.
Ердоган изјави дека земјата нема да биде управувана од армијата и ги повика своите приврзаници да останат на улиците, додека ситуацијата се нормализира.
– Тие го насочија оружјето против народот. Претседателот, кого 52 проценти од народот го подигнаа на власт, ги држи работите под контрола. Тие нема да успеат, под услов ако се соочиме против нив, рече претседателот.
Тој посочи дека немирите во Анкара продолжуваат, но се надева дека ќе завршат наскоро. Малку покасно турски офгициален претставник соопшти денеска дека нападите против турскиот парламент и претседателската палата во Анкара во голема мера се запрени.
Агенцијата Ројтерс објави дека началникот на вооружените сили на Турција Хулуси Акар бил спасен откако бил држен како заложник за време на обидот за воен удар. Истото го велат и информациите на Гардијан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.