Италијанските истражувачи велат дека вулканот со име Коли Албани (Colli Albani), кој лежи на само 30 км од центарот на Рим и кој се сметаше дека е одамна изгаснат, е всушност сѐ уште жив и активен, пишува „е-наука“.
И покрај тоа што ова звучи застрашувачки, сепак не се очекува вулканот да еруптира во следните 1000 години, што им дава можност на жителите и научниците да се припремат. Сепак, истражувачите тврдат дека очекуваната ерупцијата потенцијално би била подеднакво уништувачка како онаа на Везув.
Според истражувачите, предводени од Фабрицио Мара од Националниот институт за географија и вулканологија во Рим, се верувало дека вулканот е изгаснат заради тоа што еруптира исклучително ретко. Според нивните анализи, последната ерупција на вулканот била пред 36.000 години.
После серијата земјотреси во 1990-тите години и формирањето на вентил од пареа, истражувачите велат дека Коли Албани се „полни“, предизвикувајќи околната област да се подига за 2 милиметри секоја година.
Истражувачите велат дека всушност, во текот на последните 200.000 години регионот се подигнал за вкупно 50 метри, што укажува на тоа дека под вулканот се насобира магма.
Истражувачите дошле до овој заклучок после анализа на податоците собрани од теренот за време на земјотресите во тој регион и формирањето на парните отвори, заедно со сателитските податоци и од примероците од карпите.
Неодамнешните активности на Коли Албани, според истражувачите се веројатно последица на расцеп што се наоѓа под вулканот кој настанал пред 2.000 години. Со годините овој расцеп овозможил сѐ повеќе магма да се собира под вулканот што предизвикало негово ширење и подигање на теренот над него, создавање на вентили од пареа и предизвикување на земјотреси.
Според нивните заклучоци, вулканот најверојатно има еруптивни циклуси од 31.000 години, што значи дека следната ерупција веројатно ќе се случи за околу 1.000 години, со оглед на тоа дека последната била пред 36.000 години.
Сепак, како што пишува Ерик Клементи, доцент по геонаука на Универзитетот Денисон и блогер во „Wired“, ерупцијата на Коли Албани најверојатно не би имала страшно влијание на жителите во самиот Рим, додека оние на периферијата и во подножјето на вулканот би можеле да ги загубат своите домови или да претрпат друг тип на материјална штета.
Во секој случај, ваквите наоди на истражувачите укажуваат дека Коли Албани треба внимателно се следи, особено поради тоа што се наоѓа во близина на еден голем град.
Овие наоди беа неодамна објавени во списанието „Geophysical Research Letters“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.