Најпознатата свадба во Македонија е галичката, која годинава по 43. пат ќе се одржи на 16 и на 17 јули, а за носијата на галичанките се вели дека е една од најуникатните и најпознати во светски рамки.
Вистински рај за очите е невестинската носија за галичката свадба. Впечатливи бои, срма, кадифе, преубав накит ја красат галичката невеста, која гордо го носи елекот извезен со срма и украсен со сребрени копчиња.
„Ех, четири сина одгледав со тие пафти. Сите ги школував, факултет завршија, луѓе станаа. Останав вдовица многу млада, морав да се снаоѓам. Работев, ама парите не стигаа. Носијата си ја имав, но како што растеа децата, бројот на пафтите се намалуваше. Но, за среќа, останаа доволно за да можам да им поделам и на внуците, да се сеќаваат на Галичник и да има и за на елекот“. Ова е приказна од едно галичко семејство, кое морало да го напушти селото и да се пресели во градот и таму да ја бара егзистенцијата. Ваква и слична приказна често се прераскажува кај галичани. Тоа говори за фактот како се чувале носиите и како се трошел накитот од носијата во повоено време, кога луѓето го напуштале Галичник и се селеле во Скопје. Дел од нив уште ја чуваат и машката и женската носија во своите ормани, облека со која нивните баби и дедовци се венчавале на Петровден во Галичник. Горди на потеклото, среќни дека во својот дом имаат барем нешто зачувано од културното наследството, кое од колено на колено се пренесува меѓу галичани.
Женската галичка носија се одликува со невообичаено богатство на детали. Преовладуваат белата, жолтата и црвената боја. Составена од здоланче, кое се носело место долга кошула или фанела со каро. Минтанот е извезен со црвено кадифе и со гајтани и се користи како долна појасна облека, кошула изработена од бело тенко домашно платно со богати елементи и детали и со впечатливи нијанси на црвена и на боите на срмата – жолта, модра, зелена, сребрена и златна. Ракавиците се изработени од срмен вез, елек направен од домашно ткаено платно, доламата, која претставува горна облека, клашеник – што е горна облека до колената. Во носијата има и појаси, чорапи, опинци, плетеници и скутница. Има и кожувче што претставува облека до појасот без ракави, изработена од овча кожа и невестинска скутина, која уште се нарекува и кивчена бовча на која има впечатливи детали рачно изработени и накитени со гајтани.
Накитот на носијата е посебна приказна. Составен е од синџири од сребрени пари, сребрени украси.
Машката носија со себе ги носи сите обележја на планинско-сточарската носија направена од дебела волнена клашна. Покрај кошулата, која е направена од тенко домашно платно, содржи голем број елементи како што се џамадан или минтан што е горна допојасна облека на лактите украсена со декоративни додатоци, бечви што се носеле под стомакот и кои од средината на листовите до глуждовите се закопчуваат со копци, а под колената се стегаат со потколенки, појас изработен од чиста волна и доламата, која е, всушност, горна празнична облека од бела клашна, тесна на горниот дел и широка од половината надолу, украсена со црни гајтани. Машката носија уште има и опинци и накит за на гради.
За разлика од порано, кога на Петровден се склопувале и повеќе од 40 брака, денес свадбата има повеќе културно значење и е еден вид културна манифестација.
Галичник денес живее од мај до октмври и во него престојуваат најмногу пензионери со своите внуци. Но, за Галичката свадба секогаш е преполно и се бара место повеќе.
Годинашни младенци се Сандра и Александар
Сандра Станковиќ и Александар Ристески се годинашните младенци на 43. издание на Галичка свадба, која ќе се одржи на 16 и на 17 јули. Свадбата вообичаено е на Петровден, на 12 јули, но оваа година се поместува за викендот по Петровден.
Невестата има потекло од Галичник. Нејзината мајка и нејзиниот дедо потекнуваат од семејството Дренковски, а таа досега учествувала на неколку галички манифестации облечена во моминска носија. Сега едвај чека да ја облече невестинската носија.
Сандра и Александар се десет години во врска и секое лето присуствувале на оваа манифестација. Одушевени се од атмосферата и сега со нетрпение го чекаат нивниот ден. Венчавката е во црквата „Свети Петар и Павле“.
Со три отстрели од пушка на 16 јули почнува традиционалната Галичка свадба
Со три отстрели од пушка на 16 јули почнува традиционалната Галичка свадба. Обичаите почнуваат в сабота попладне, кога со тапани и со зурли се пречекуваат гостите. Се пеат галички свадбарски песни, се играат „Свекрвино оро“ и „Тешкото“ на чешмата „Упија“. Се кити младоженецот, се реди бајракот, невестата оди по вода. Со вода од два ѓума дома си ја мие косата и овој обичај се вика последно мајкино миење. Следниот ден, рано наутро се канат мртвите, потоа и кумот. Се бричи зетот на сретсело и потоа се тргнува по невестата. Таа го чека во куќата и преку прстенот го гледа и вели „Низ прстен те гледа, в срце да ти влеза“. Следува дарувањето на невестата, качувањето на коњ и товарењето на ковчезите со нејзината руба. Свекрвата ја пречекува со сито, погача и со бокал вино и таа влегува во новиот дом.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Викендов Галичка свадба – Зурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот
-
Тања Лепческа и Златко Димовски се младоженците на 45. Галичка свадба
-
Избрани невестата и зетот на Галичка свадба 2018
-
National Geographic ја прогласи Галичка свадба за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа