| четврток, 6 декември 2018 |

Подгответе се за невреме: попладне пороен дожд со ветер

dozd

По овонеделната тропска температура и вчерашните плус 40 степени, синоптичарите за денеска и деновите од викендот најавуваат освежување со дожд и со грмежи, информираат од УХМР.

Времето во Македонија претпладне ќе биде сончево и топло, а попладне под влијание на влажна, нестабилна и посвежа воздушна маса ќе настапи значителна промена. На повеќе места ќе има нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на град.

Повеќе врнежи ќе има во вечерните и ноќните часови кон сабота, особено во северните делови, каде што локално се очекува да наврнат повеќе од 25 литри на квадратен метар.

Утринската температура од 14 до 22, а дневната од 30 до 36 степени. УВ-индексот ќе изнесува 7.

Во Скопје претпладне ќе биде сончево, а попладне и во вечерните часови нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

За време на викендот ќе преовладува променливо облачно, значително посвежо и ветровито време со локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе опадне за повеќе од 10 степени во однос на денешната и ќе биде во интервал од 20 до 29 степени.

Од понеделник се очекува стабилизирање на времето со постепен пораст на температурата. До вторник ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top