Приказните се создаваат низ времето, нè здружуваат и со нив патуваме. Ги споделуваа патописците, а денес ги дистрибуираат медиумите. Тргнува карванот на „Македокс“ низ валандовско-дојранскиот регион, кој годинава почнува на 11, а ќе заврши на 25 јули.
Годинава патувачкото кино на „Македокс“ ќе се одржи во 10 места во валандовскиот регион, и тоа: Пирава (11 јули), Чалакли (12 јули), Костурино (19 јули), Јосифово (20 јули), Валандово (22 јули), Богданци (23 јули) и Фурка (25 јули).
Со три проекции патувачкото кино ќе биде дел од креативното здружување на „Д-Фестивал“ во Дојран, од 15 до 17 јули 2016 година. Во рамки на патувачкото кино посетителите и локалните жители ќе имаат можност да погледнат повеќе документарни филмови од архивата на Кинотеката на Македонија и од програмата на „Македокс“.
Во рамките на „Д-Фестивал“ во Дојран ќе бидат прикажани филмовите „Ликвидатор“, „Дае“, Ритам и звук“, „Во потрага по Фела“, „Звукокршач“, „Танцувајќи со Марија“.
Во текот на изминатите шест години, преку своите настани, „Македокс“ успеа да допре до вкупно 75.600 гледачи, од кои 24.000 за време на фестивалот во Скопје, околу 45.000 како дел од образовната програма за деца и млади, околу 6.000 кои присуствуваа на проекциите за време на Патувачкото кино во 44 помали населени места низ Македонија и на околу 600 посетители на проекциите во рамките на дистрибутивните проекти на „Македокс“.
Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“ своите активности ги реализира низ повеќе платформи, како фестивалот „Македокс“, Патувачкото кино, едукативните „Ние сме визуелни“, „АКТив“, „Македокс во училница“, Младински филмски клубови, „Македокс киновикенд(и)“, како и со членството во Балканската дистрибутивна документарна мрежа (БДДМ).
Седмото издание на патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во Скопје ќе се одржи од 20 до 26 август 2016 година, во Куршумли-ан и МКЦ, со мото „Сите сме приказна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Македокс“: Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт
-
Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“
-
Студентската програма на „МакеДокс 9“
-
Избрани четири нови идеи за снимање документарен филм во рамки на проектот „Докуникулци“