Во лето тројно се зголемува бројот на пациенти со инфекции на очите, а причина за тоа се базените и неистечните води. На Клиниката за очни болести помош бараат и млади и стари.
Лекарите велат дека сите случаи ги третираат амбулантски. Поради високите температури инфекциите многу брзо се шират и имаат случаи каде од дете со конјуктивит било заразено цело семејство.
-Имаме многу случаи и тоа со зголемување на температурите има побрзо ширење и сликата е многу подраматична. Црвенило, чешање или оток. Голем дел од овие се вратиле од летни одмори со инфекции на очите – вели д-р. Ирина Богданова од Клиника за очни болести
Фекалиите, потта и нечистотијата што капачите ја внесуваат во водата се најчестите причини за добивање на инфекции на очите. Офталмолозите со препорака сите да одржуваат поголема лична хигиена и да носат маска кога нуркаат. Најопасна според лекарите е бактеријата хламидија која ја има во базенските води.
– Оваа бактерија се знае дека ги напаѓа гениталиите и очите. Тие се двата органи од телото кои се на удар од оваа бактерија. Таа предизвикува сериозни инфекции и во некои земји има случаи каде со ваква бактерија може да дојде до слепило – вели д-р Богданова.
Богданова со апел до родителите доколку овој период имаат дете со инфекција на очи да не го пуштаат во градинка поради опасноста да ја прошири инфекцијата на останатите деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.