Јублејното 15 Европско првенство е пред самиот крај. Остануваат да се одиграат уште три меча, двете полуфинални средби и големото финале што е закажано за в недела на националниот стадион „Стад д Франс“ во Париз.
Во првото полуфинале можеби малку неочекувано силите ќе ги одмерат Португалија и Велс. За разлика од Португалија која пред почетокот на шампионатот важеше за фаворит од сенка, репрезентацијата на Велс не се сврстуваше ниту во репрезентациите кои се очекува да ја поминат групната фаза.
Португалија досега на пет натпревари не оствари ниту една победа има биланс од пет нерешени средби, победувајќи во осминафиналето против Хрватска со гол во продолженијата, а во четврфиналето преку пенал-рулетот против Полска се радуваше на пласманот во полуфиналето.
Репрезентацијата на Велс е најпријатното изненадување во ова првенство, успевајќи во четврфиналето да ја победи селекција на Белгија, која не успеа да ја оправда фаворитската улога и заслужено загуби со 3-1.
Во двете репрезентации кои ќе се сретнат вечерва играат најскапите фудбалери во светот, Кристијано Роналдо и Герет Бејл.
Двајцата се клупски колеги во Реал Мадрид и беа најзаслужни за двете европски титули во Лигата на шампионите освоени во последните 3 сезони.
Додека играта на Португалија главно се темели на Роналдо кој досега не покажа речиси ништо од својот играчки квалитет, колективот е тој што е најзаслужен за историскиот успех на Велс.
И двајцата фудбалери ги потенцираат одличните пријателски односи, но дека вечерашната битка е сосема нешто друго бидејќи се работи за пласман во големото финале во дресовите на своите земји.
Секако дека се респектираат меѓусебе, но тоа престанува кога главниот судија ќе означи старт на натпреварот.
Селекцијата на Велс има проблеми со составот бидејќи моторот од средината на теренот Арон Ремзи нема да може да настапи и ќе мора да паузира поради парен број на жолти картони. Тоа е голем хендикеп за селекторот Крис Колман кој ќе се обиде со згуснат среден ред да ги неутрализира одличните португалски фудбалери. Освен Ремзи во Велс ќе недостасува и дефанзивецот Бен Дејвис од истите причини.
Во составот на Португалија суспензија од еден меч има Вилијам Карваљо додека столбот во одбраната Пепе се пожали на повреда на бутниот мускул.
Натпреварот се игра во Лион со почеток од 21 часот, а главен судија ќе биде Швеѓанецот Јонас Ериксон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.